Бидејќи се покажа дека ДПМНЕ не може да испорача решение туку само ги компликува работите со личните документи денеска поднесува политички мотивирани кривични пријави, велат од СДСМ откако партијата на Христијан Мицкоски поднесе кривична против поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски поради тоа што, како што велат, 2 ипол години издавал лични документи за кои знаел дека рокот на важност ќе заврши порано.
Според СДСМ, ова нема врска ниту со правото, ниту со процесот ниту со интересот на граѓаните.
-Наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши ДПМНЕ го укина вадењето пасош без закажување. Тоа негативно влијае затоа што го намалува бројот на граѓаните кои можат да се сликаат а од друга страна драстично го пролонгира процесот. Тоа значи дека граѓаните со месеци нема да можат да добијат нов пасош а го доведува во прашање и законскиот рок за издавање пасош, истакнуваат од „Бихаќка“.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава и да отвори истрага за Спасовски бидејќи, како што велат, одговорност во оваа држава мора да има.
Претходно кривична пријава против Спасовски и против МВР, поднесе и движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски. Од таму соопштија дека надлежното министерство што го водеше Спасовски до средината на 2021-ва не набавувало и не издавало документи со новото уставно име.