Скандалот со тепањето полицајци од страна на обезбедувањето на Христијан Мицкоски и попречувањето на полициската акција против дрога мора целосно да биде расчистен, велат од СДСМ преку соопштение.
Според партијата, најавите за проширување на истрагата се позитивен момент во вистинска насока.
-МВР мора да одговори на прашањето за улогата на Мицкоски? Затоа што станува збор за спречување на акцијата против дрога од страна на негово обезбедување. Затоа овој случај мора целосно да се расветли и сите инволвирани да понесат одговорност, велат од владеачката партија.
Снимките од безбедносните камери од познат скопски локал покажуваат што точно се случувало на преминот меѓу саботата и неделата (17 и 18 февруари) кога Ивица Б., член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нападна колега полицаец кој бил на служба таа вечер.
Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека МВР ќе поднесе кривична пријава против Ивица Б. за напад на друго службено лице. Според министерот, тој ќе биде суспендиран од работа сè до донесување правосилна пресуда. Притоа, Тошковски рече дека не се точни наводите дека Ивица Б. спречил акција на полицискиот тим од Единицата за недозволена трговија, туку дека проверките од полицајците веќе биле завршени.