Уставниот суд на денешната седница донесе одлука со која се укинува делот „националност” во Законот за матичната евиденција, соопшти прес-службата на Судот. Претходно, кон крајот на минатата година, со времена мерка го укина издавањето изводи со графа „националност“. Со денешната одлука, целосно ја укина оваа графа.
Уставните судии ја донесоа оваа одлука во рамките на предметот оформен по иницијативата поднесена од политичка партија Левица, во која е оспорен член 4 став 1 точка 2 во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1 во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста“ од Законот за матичната евиденција.
Според Судот, изјаснувањето за националната припадност, не е должност, туку можност (незадолжителен податок) со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност, за што Судот оцени за согласноста на оспорените делови содржани во одредбите на Законот со член 8, став 1, алинеја 2, од Уставот за слободното изразување на националната припадност, како темелна вредност на уставниот поредок што го вклучува правото на лицето да ја изрази, но и да не ја изрази националната припадност.
Пред Уставниот суд изминатиот период имаше неколку различни предмети коишто се однесуваа на етничката графа во изводите. Два од предметите се однесуваа на Упатството за водење на матичните книги, додека третата иницијатива се однесува на делот – националност.
За Упатството, најпрво Уставниот суд поведе постапка по сопствена иницијатива, бидејќи не беше објавено во рок од 7 дена од моментот на неговото донесување. Овој предмет е завршен, но предизвика низа полемики меѓу Уставниот суд и министерот за правда, Кренар Лога, кој најави дека нема да се откаже од етничките графи во изводите.
Упатството за матичните книги, во кое беше додадена графата за националност, беше донесено од министерот за правда Кренар Лога на 29 мај 2023. Актот беше објавен во „Службен весник“ на 15 јуни истата година- 10 дена од истекот на законскиот рок за оваа процедура. Уставниот најпрво донесе времена мерка, а потоа на 27 септември лани го поништи упатството на Лога.