Извештајот на Европскиот парламент за проширувањето на ЕУ и реформите потребни за да се направи блокот способен да прифати нови членки, укажува дека пристапот во Унијата секогаш мора да се заснова на заслуги, истовремено повикувајќи ги европските институции и членките на ЕУ да се реформираат и да се осигури дека отсуството од нивните реформи не го одложува приемот на нови членови.
Во однос на извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување, за кој ќе се расправа вечерва, а за кој ќе се гласа утре, се нагласува дека секоја земја на патот кон ЕУ треба да се оценува врз основа на исполнувањето на критериумите од Копенхаген.
На дневен ред на пленарната седница на Парламентот во Стразбур денеска се расправаше за годишниот извештај за заедничката надворешна и безбедносна политика. Документот кој има амандмани ќе се гласа попладне.
Во извештајот за идното проширување на Унијата, европратениците ги поздравуваат аспирациите на бројни европски земји и нивните граѓани за пристапување во ЕУ, препознавајќи ја важноста на европската интеграција на клучните партнери (Западен Балкан, Украина, Молдавија, Грузија), како и важноста на регионалната соработка во рамките на Источното партнерство и Западен Балкан.
Се нагласува дека не може да има скратен пат кога се во прашање вредностите и основните принципи на ЕУ, како и дека владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите и почитувањето на човековите права треба да бидат на врвот во Процесот на пристапување во ЕУ.
Се додава дека борбата против корупцијата и зајакнувањето на граѓанското општество се клучни предуслови за напредок на патот кон членство во ЕУ.
Во исто време, земјите во процес на проширување се охрабруваат да продолжат решително да ги спроведуваат потребните реформи и да постигнат опиплив и неповратен напредок, почнувајќи од основите во процесот на пристапување.
Извештајот укажува на потребата од нов моментум во процесот на проширување со цел да се рестартира процесот и да се обезбеди негов континуитет, бидејќи недостатокот на ангажман во претходните години создаде вакуум, отворајќи простор за Русија, Кина и другите надворешни актери, а дека секогаш мора да се почитува принципот на меѓусебна и искрена соработка.
Се нагласува дека усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика (CFSP) на ЕУ е исто така клучен показател за придржување кон основните принципи на ЕУ и одржливоста на идното членство.
Од кандидатите и потенцијалните кандидати се бара да дадат приоритет на брзото и целосно усогласување со CFSP и повторува дека пристапувањето може да напредува само доколку земјата се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ.
Кога станува збор за ЕУ, институциите и членките на Унијата се повикани да ги преземат неопходните реформи за да се осигури дека нивното отсуство нема да го одложи приемот на нови членки.