Партиите повторно вложуваат најголема енергија во црни кампањи: „Погубни ефекти, ги пасивизираат неопределените гласачи“

од Nikola Popovski
316 прегледи

Народната „ако денот по утрото се познава“, по се изгледа ќе важи и за овие двојни избори во земјава. Партиите, особено најголемите, веќе удрија по противничките кандидати за шеф на државата, иако официјално не е започнато со изборната кампања и митинзите. Од обвинувања и оцрнувања која е поголем, а кој помал патриот, до зборови како „измеќари“ и „одработувачи“. Политичкиот фолклор постојано ги надминува границите и повеќе не изненадува. Како се топат деновите до избори, се вжештува и реториката. Сите бараат скандинавски избори, но се поставува прашањето дали можеме да очекуваме подостоинствена реторика пред нив?

Досега активностите на партиите се очекувани и без забележителни промени споредено со претходните избори. Постои одредена согласност во стручната јавност дека во последните 15-тина години се наоѓаме во фаза на постојана политичка кампања на партиите којашто вклучува катадневна продукција и дистрибуција на многу информации за тоа што прават партиите и нивните политички опоненти, вели за „Локално“, универзитетскиот професор и комуниколог, Сеад Џигал.

Сеад Џигал

Според него, ваквиот кампањски режим во кој доминира негативната комуникација во предизборните кампањи само се засилува, некако како во она мото на кампањата на Александар Вучиќ и неговата владејачка партија од соседна Србија од 2017 година, „Побрзо, посилно, подобро“.

-На таа линија, партиите најчесто само ги интензивираат своите вообичаени активности, со дополнителен фокус и на теренските активности, како што се митинзите, трибините, средбите со граѓаните и др, истакнува Џигал.

Појаснува дека кампањите се сложен потфат, со пропагандни и агитациски активности на многу нивоа, но од гледна точка на граѓаните и тоа како кампањите се спакувани за пошироката јавност, може да соочиме два клучни аспекти, ветувањата и негативната кампања.

Во однос на ветувањата, објаснува комуникологот, како условно кажано позитивниот дел од кампањите, најчесто партиите се обидуваат да ги „купат“ гласачите со најави за зголемени минимални, просечни и секакви плати, пензии, изградба на инфраструктурни објекти, патишта и слично.

-Вакви кампањи следиме постојано, но откако, на пример, по последните локални избори голем дел од нив се покажаа како исклучително нереални и неплански, а општините мака мачат и со исполнување на своите основни должности кон граѓаните, тие денес имаат сѐ послаб ефект, некогаш дури и негативен. Исто така, многу малку се обрнува внимание на промовирање на кандидатите, нивната стручност и искуство, и подготвеноста за позицијата за која се номиниараат. Кандидатите за пратеници и други јавни функции до последен момент ни се непознати, што е многу погрешно. Тоа ја поткопува функцијата на пратеник, така што граѓаните наместо за свои претставници гласаат за партиите, без разлика кого тие ќе стават на листите, а парламентарните избори се деформираат во избори за влада, односно кој ќе ја добие власта. Листите ги предводат кандидати кои за победничката страна никогаш не стануваат пратеници, што е повторно системска аномалија која треба да се разгледа разумно за да се подобри легитимитетот на пратениците и изборите, наведува соговорникот.

Џигал е дециден дека најголем дел и енергија, за голема жал, партиите повторно вложуваат во негативните кампањи, кои често преминуваат во црни кампањи.

-Во медиумите под партиско влијание доминира пристрасност и површност во информирањето, како и поларизирачка негативна кампања кон опонентите. Овие објави се исполнети не само со критики туку и обвинувања и омаловажувања, коишто имаат за цел да го преплават информативниот простор и да ги потиснат другите афирмативни вести за кандидатите. Обвинувањата многу често се од лична природа, засновани на непроверени информации, полуинформации или шпекулации, ни вели комуникологот.

Додава дека во претходните два циклуси имавме и низа примери на приватни аудио-снимки кои жестоко ги напаѓаа кандидатите од двете страни, и власта и опозицијата.

-Ефектите на негативните кампањи се мошне сериозни, дури и погубни. Тие покрај афективната мобилизација на партиското членство воедно ги пасивизираат неопределените гласачи, а изборите многу губат во делот на излезноста, легитимитетот и рационалното бирање на најдобрите кандидати, заклучува Џигал за наративот во предизборието.

Н.П.

Слични содржини