Бајден ја „менува плочата“: Нетанјаху му прави повеќе штета отколку корист на Израел

од Vladimir Zorba
223 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека пристапот на Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа „повеќе му прави штета отколку корист на Израел“, во интервју емитувано во саботата, додека нетрпеливоста на американскиот лидер кон израелскиот премиер станува се повидлива.

Нетанјаху „има право да го брани Израел, право да продолжи да го прогонува Хамас“, рече Бајден, но додаде дека „мора да посвети повеќе внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија“. „Според мое мислење, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел… тоа е спротивно од она за што се залага Израел. И мислам дека тоа е голема грешка“, рече тој во интервју за MSNBC.

Додаде дека Израел ја губи поддршката во целиот свет.

Бајден и неговите помошници силно го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафах додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивилите од последната област на Газа што сè уште не ја нападнале копнените сили. „Постојат и други начини да се справиме, да дојдеме до, да се справиме со … траумата предизвикана од Хамас“, рече Бајден.

Со растечката хуманитарна криза во Газа и притисокот од левото крило во Демократската партија на Бајден, американскиот претседател си противречи во однос на она што го гледа како „црвена линија“ во израелската офанзива во Газа.

Што се однесува до потенцијалната инвазија на Израел на Рафах, сега дом на 1,5 милиони од 2,4 милиони жители на територијата, Бајден е нејасен. „Тоа е црвена линија“, рече 81-годишниот демократ, веднаш додавајќи: „Никогаш нема да го напуштам Израел. Одбраната на Израел останува клучна“.

„Нема црвена линија (каде) сакам да го отсечам целото оружје за да немаат железна купола (систем за противвоздушна одбрана) за да се заштитат“. Потоа уште еднаш рече дека всушност има „црвени линии… Не можете да имате уште 30.000 мртви Палестинци“.

По обраќањето на Бајден за состојбата на нацијата во четвртокот, тој беше слушнат како вели дека Нетанјаху мора да дојде пред Исус, американска фраза што означува драматично сфаќање дека мора да се направи промена. И покрај промената на тонот на Бајден, неговата администрација ги отфрли повиците на активистите да ја ограничат воената помош од милијарди долари што САД му ги испраќаат на Израел.

Газа се соочува со немилосрдно израелско бомбардирање откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што според официјалните податоци загинаа 1.160 луѓе, повеќето цивили. Хамас зароби околу 250 заложници, од кои 99, според Израел, се уште се живи во Газа.

Во израелската одмаздничка операција во Газа под контрола на Хамас загинаа повеќе од 30.800 луѓе, главно жени и деца, според Министерството за здравство на територијата.

„Сакам да видам прекин на огнот, почнувајќи со голема, голема размена на затвореници, во период од шест недели. Влегуваме во Рамазан, ништо не треба да се случи и треба да продолжиме да го надградуваме тој прекин на огнот“, рече Бајден во интервјуто.

Бајден избегна да одговори на прашањето за можноста за уште едно патување во Израел, кој го посети во октомври веднаш по смртоносниот напад на Хамас, кога им се обрати на пратениците. Запрашан дали тоа е нешто што ќе го направи повторно, Бајден рече дека ќе го направи, но одби да каже дали бил поканет.

Слични содржини