Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба му одговори на папата Франциск, кој во интервјуто во саботата рече дека земјата треба да има, како што рече, храброст на „бело знаме“ и да преговара за крај на војната со Русија.
Кулеба преку платформата Х рече дека најсилен е оној кој зазема страна на доброто во битката меѓу доброто и злото, и не се обидува да ги стави на иста основа и тоа да го нарече „преговори“.
„Во исто време, кога станува збор за белото знаме, оваа стратегија на Ватикан ја знаеме од првата половина на дваесеттиот век. Повикувам да се избегне повторување на грешките од минатото и да се поддржи Украина и нејзиниот народ во нивната праведна борба за живот. Нашето знаме е жолто-сино. Ова е знамето под кое живееме, умираме и победуваме. Никогаш нема да креваме други знамиња. Му благодариме на Неговата Светост Папата Франциск за неговите непрестајни молитви за мир и продолжуваме да се надеваме дека по две години разорна војна во срцето на Европа, Папата ќе најде можност за апостолска посета на Украина за поддршка на повеќе од еден милион украински католици, над пет милиони гркокатолици, сите христијани и сите Украинци“, изјави Кулеба.
Во интервјуто снимено минатиот месец, Франциск кажа што мисли за оние кои велат дека Украина треба да се откаже бидејќи не успеала да ги одбие руските сили и другите кои веруваат дека тоа ќе и даде легитимитет на посилната страна. Новинарот во своето прашање го употреби терминот „бело знаме“.
„Тоа е едно толкување, тоа е вистината“, рече Франциск, според деловите од интервјуто што треба да се емитува на 20 март.
„Зборот преговарање е храбар збор. Кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“, истакна Франциск.
Тоа е првпат Франциск да употреби термини како „бело знаме“ или „поразен“ во дискусија за војната во Украина, иако претходно зборуваше за потребата од преговори.
Минатата година 87-годишниот Папа испрати мировен пратеник, италијанскиот кардинал Матео Зупи, на разговори во Киев, Москва и Вашингтон.
„Некој може да се срами“, рече Франциск за преговорите, „но со колку мртви ќе заврши војната? Треба навреме да преговараме, да најдеме земја која ќе делува како посредник“, рече Франциск, споменувајќи ја Турција меѓу земјите кои понудија посредничка улога.
„Не срамете се од преговорите пред работите да се влошат“, додаде Папата, кој испрати стотици апели за, како што вели, „маченичка Украина“.
На прашањето дали тој самиот ќе биде подготвен да посредува, Франциск одговори: „Тука сум“.