Тошковски: Во време на Бојмацалиев, пасош наместо во редот под буквата „П“ е ставен во редот под „Р“

од Nikola Popovski
202 прегледи

Внатрешната контрола при МВР утврдила пропусти при издавањето на готови лични документи. Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, конкретниот пропуст е направен во време кога сегашниот дополнителен заменик-министер Митко Бојмацалиев извршувал работни задачи на позицијата шеф на кабинет на поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Според Тошковски, проверките покажуваат дека пропустот кој се однесува на случај каде граѓанин кој се сликал на 16.12.2023г. два месеци не можел да ја подигне патната исправа, се случил на 05.01.2024г. кога предметната патна исправа била доставена во Одделението за управни работи Скопје и истата била ставена во редот со различна азбучна буква од буквата на носителот на иницијалите на конкретното лице, односно наместо во редот со азбучна буква “П“, истата била ставена во редот на азбучната буква “Р“, што било потврдено на 05.03.2024г. кога патната исправа конечно била пронајдена.

-Од тие причини, лицето два месеци не успеало да ја подигне патната исправа која била изработена во законски предвидениот рок, објави техничкиот министер на социјалните мрежи.

Апелира процесот на издавање на лични документи да не се злоупотребува за политички цели и сите заеднички да придонесеме што поскоро да се надмине овој проблем бидејќи граѓаните заслужуваат да добијат квалитетен сервис од МВР и да можат во нормални услови да ги извадат своите лични документи.

Бојмацалиев неодамна истакна дека внатрешна контрола на МВР треба да утврди каде е грешката зошто не се издаваат веќе готовите пасоши на граѓаните.

-До мене стигнуваат пораки, а тоа го кажа и Народниот правобранител, дека човекот е фотографиран, пасошот е подготвен и е однесен во установатата каде треба да го подигне, но таму го нема. Значи, сега внатрешна контрола оди во одделот за персонализација каде се обработуваат пасошите и оттаму готовите документи експедицијата ги носи во управните служби. Ова појава е конкретно само за Скопје и кога граѓаните ќе отидат тој пасош да го подигнат на шалтерите им го нема. Јас тоа барам, внатрешната контрола да утврди каде е тој пасош кој е испечатен и од експедиција однесен во МТВ, зошто го нема на шалтер. Имам сознанија од вчера и се потврдени од внатрешна контрола дека се најдени пасоши кои ако требало да бидат ставени под буквата Б, се ставени под В. Тоа е еден од случаите, а натаму внатрешна контрола ќе испитува и ќе утврди зошто готовите пасоши не им се даваат на граѓаните, која е причината и каде е грешката. Ние сме сервис на граѓаните и тоа не е политиканство, јас се борам граѓаните да бидат услужени, рече заменик-министерот.

Слични содржини