Истече рокот за увид во избирачкиот список за претстојните претседателските и парламентарните избори. За дијаспората увидот во избирачкиот список се продолжува до денеска на полноќ, поради техничките проблеми со интернет страницата на ДИК. Ова следува по пријавата на Обединетата македонска дијаспора дека не можеле да се регистрираат македонските граѓани кои живеат во странство, односно системот покажувал дека регистрацијата е завршена на 11-ти март.
Државната изборна комисија најдоцна за три дена треба да го достави избирачкиот список до политичките партии кои го побарале. Имаат пет дена од денот на приемот, а најдоцна на 26-ти март да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоците.
Четворица од седуммина кандидати кои собраа потписи од граѓаните поднеле кандидатури за претседател до Државната изборна комисија. Кандидатура за претседател поднел актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и Коалицијата, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари поддржан од Коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.
Кандидатурите за претседател треба да бидат поднесени до денеска на полноќ. Потписи за кандидатура за претседател собраа и Гордана Силјановска Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Билјана Ванковска поддржана од Левица и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.
Кандидатурите треба да бидат потврдени од членовите на ДИК и тогаш тие и официјално ќе станат претседателски кандидати. Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4-ти април.