ВМРО-ДПМНЕ нема собрано законски потписи за Силјановска, порача Кузеска

од Nikola Popovski
203 прегледи

СДСМ денеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ нема собрано валидни и законски потписи за нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска Давкова. Според партијата на власт, за кандидатурата во ДИК за Силјановска, ДПМНЕ ги поднела потписите на пратениците, а не со потписи од граѓани.

-Очигледно, ДПМНЕ како што ги лажира анкетите, сакала да ги лажира и потписите, па кога разбрале дека ќе се проверува легалноста на секој даден потпис не ги поднеле, оценува портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, „граѓаните не сакаат враќање назад и изолација, не се спремни да поддржат антиевропски политичари“.

Според официјалните податоци на ДИК за собраните потписи до 9-ти март, Стево Пендаровски од СДСМ обезбедил 22.412 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ со обезбедени 28.086 граѓански потписи, Бујар Османи од ДУИ со 11.085 потписи, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 11.605 потписи, Билјана Ванковска од Левица, која обезбеди 10.559 потписи, Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 11.290 потписи и Арбен Таравари од здружената албанска опозиција со 10.710 потписи за поддршка.

Сите седуммина кандидати за претседател на државата ги поднесоа кандидатурите до ДИК. Сега се очекува Комисијата да одржи седница на која треба да ги разгледа и потврди поднесените кандидатури, а најдоцна до 28 март треба да се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче.

Вчера кандидатурите ги поднесоа Бујар Османи, Билјана Ванковска и Гордана Силјановска – Давкова, а ден претходно тоа го сторија и Стево Пендаровски, Максим Димитриевски, Стево Јакимовски и Арбен Таравари.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а на нив ќе гласа и дијаспората од 20-тина држави во кои се пријавиле доволен број граѓани. Иселениците нема да гласаат на парламентарните избори затоа што бројот на пријавени граѓани за гласање на овие избори е далеку од потребните 5.355 гласачи.

2.610 Македонци од дијаспората ќе гласаат на седмите претседателски избори. За парламентарните нема доволно пријавени. Ова се последните податоци од Државната изборна комисија. Одбиени пријави за гласање биле 342. Но оваа бројка не е конечна, може да се промени доколку до утре Министерството за надворешни работи до ДИК, достави пријави од наши државјани поднесени во дипломатско-конзуларните претставништва. Гласањето треба да се организира во 24 земји.

Слични содржини