Влијанијата на Русија се спроведуваат преку хибридни закани, преку дезинформации, поткопување на довербата во институциите. Задача на сите нас – на институциите, но и на медиумите, јавноста е да не дозволиме тие закани, тоа сеење збунувачки информации и невистини да ја постигне својата цел. Режимот на Путин јa прави Русија да не е пријателска земја ниту на Македонија, ниту на земјите од Западен балкан, затоа што режимот го интересира дестабилизација и пореметување и попречување на европската интеграција на нашата земја и земјите од Западен Балкан, вели во интервју за „Локално“ министерката за одбрана Славјанка Петровска.
На тема набавка на хеликоптери од „Леонардо“, за која се крена опозицијата, вели дека нема ништо спорно, освен желбата на ВМРО-ДПМНЕ да застане процесот на модернизација на македонската Армија.
– Договорот за набавка на хеликоптери е резултат на повеќегодишна напорна работа на Интегрираниот проектен тим на експерти која заврши сега и можеме да продолжиме со реализација на набавката. ВМРО ДПМНЕ треба да ја поздрави оваа информација, бидејќи со набавката на хеликоптерите се подигнува борбената готовност на Армијата и се модернизира воздухопловната компонента. Значи експертите од воздухопловниот ВИНГ на Армијата ја предложија набавката на повеќенаменските хеликоптери и Владата даде поддршка за склучување на Договорот со Владата на Италија, порача таа.
Граѓаните можат да се чувствуваат апсолутно сигурни и безбедни бидејќи конечно државата вложува во Армијата – во нејзиното опремување, во условите за работа, во секој еден припадник на Армијата поединечно, и бидејќи тоа денеска е Армија на НАТО.
– Вкупниот буџет е неколкукратно зголемен и изнесува 2,05% од БДП. Набавуваме оклопни возила JLTV од последната генерација, од кои 32 се веќе пристигнати и се дел од арсеналот на Армијата. Набавуваме и оклопни воизла Stryker, системи за противвоздушна одбрана Мистрал од Франција, како и артилериски системи од сојузничка Турција. Со набавката на новите хеликоптери, го обновуваме воздухопловниот винг, а дотогаш преку потпишаната рамковна спогодба со Чешка за резервни делови за постојните хеликоптери, флотата која во моментов ја имаме ќе биде целосно оперативна, истакна министерката.
Вели дека Македонија, заедно со сојузниците има јасна заложба да продолжи со поддршката за Украина, „не за да продолжи војната, туку затоа што Украина има право да ја одбрани својата независност“.
-Поддршката е секако согласно нашите капацитети и секогаш по добиеното позитивно мислење од страна на Генералштабот, нашето најстручно тело во одбраната. Нашите специјални сили се подготвени да дадат поддршка преку обука и во иднина, вели таа во интервјуто.
ВМРО-ДПМНЕ бара стопирање на тендерот со „Леонардо“ вреден 230 милиони евра, велат дека тоа не треба да го прави техничка влада и повторно упати обвинувања кон владејачката двојка СДСМ-ДУИ. Треба ли владата да го стопира тендерот и да се почека новата влада да го спорведе, со оглед дека се работи за сериозна сума?
– Ништо ново и никакво изненадување не е барањето на ВМРО ДПМНЕ да се стопира набавката на хеликоптери. Пред 3 години речиси 1 година ги блокираа измените на Законот за служба во Армијата, заради што стотици војници не можеа да се стекнат со право на отпремина, стотина пензионирани воени лица не можеа да остварат право на поголема пензија, активните воени лица не можеа да земат поголема плата, на десетина потенцијални стипендисти им беше оневозможено правото на стипендирање и.т.н. Потоа, неколку месеци го блокираа Законот за вработени во одбраната. Закон со кој одредена категорија на вработени требаше да добијат бенефициран стаж, да бидат унапредени сите кои исполнуваат услови, да вработиме кадар за критични специјалности, да стипендираме млад кадар, да се вработат лица со попреченост и членови на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили.
Ако во некоја набавка има нешто спорно, не е важно дали се во прашање 230, 250 или 1 милион и стотици илјади евра. Ако нешто е законски неиздржано, без оглед на сумата тоа треба да застане.
Во оваа набавка нема ништо спорно, освен желбата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да застане процесот на модернизација на македонската Армија. Набавката на хеликоптерите е планирана во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, кој е одобрен од Собранието и поддржан од опозицијата. Токму во тој План е наведено дека овој проект ќе биде реализиран почнувајќи од 2024, кога всушност се проектирани и првите суми на финансиските средства за нови хеликоптери. Значи набавката се прави точно на време.
Видете, процесите во државата нема да запрат заради тоа што доаѓаат избори, особено не процесите на кои долго време се работи и од кои Армијата има само полза и кои не се во спротивност со Изборниот законик.
Договорот за набавка на хеликоптери е резултат на повеќегодишна напорна работа на Интегрираниот проектен тим на експерти која заврши сега и можеме да продолжиме со реализација на набавката. ВМРО ДПМНЕ треба да ја поздрави оваа информација, бидејќи со набавката на хеликоптерите се подигнува борбената готовност на Армијата и се модернизира воздухопловната компонента. Значи експертите од воздухопловниот ВИНГ на Армијата ја предложија набавката на повеќенаменските хеликоптери и Владата даде поддршка за склучување на Договорот со Владата на Италија.
Тоа е сосема различно од времето на ВМРО ДПМНЕ кога воопшто не се вложуваше во модернизација на Армијата. Парите од одбраната беа земани и пренасочувани во МВР за купување на скапи опреми за следење на комуникациите, за склучување неперспективни набавки кои државата ја чинеа милиони а не се виде никаква добивка од нив. Милионски суми се излеаа во лажен мермер, стиропорен барок и бронза. Во 2024 состојбите се сосема поинакви и опозицијата не треба да стои на патот на модернизацијата, кога веќе не била способна да ја спроведе.
Дилемата, која ја покренува опозицијата, е и зошто транспортни, а не борбени хеликоптери?
-Се работи за повеќенаменски хеликоптери кои покрај транспортот ќе може да изведуваат и друг широк спектар на операции – мисии за огнена поддршка, извидување, задачи со специјални сили, поддршка на цивилни институции во услови на елементарни непогоди и кризни состојби… Нашите експерти од воздухопловниот ВИНГ на брифингот за новинарите покажаа со какво вооружување ќе бидат опремени хеликоптерите. Тоа значи дека припадниците на Интегрираниот проектен тим внимавале на се и добро се погрижиле хеликоптерите да одговорат на сите евентуални потреби на Армијата, ВИНГОТ и државата, што беше и наведено во оперативното барање на Генералштабот за набавка на новите хеликоптери. Значи не е опозицијата таа што кажува какви хеликоптери ни се потребни, туку експертите и познавачите во Армијата.
Се модернизира ли доволно брзо македонската армија со оглед на се понесигурната средина во која се наоѓа земјата и поради заканите од Русија кон земји-членки на НАТО?
– Членството во НАТО е апсолутна гаранција за нашата безбедност и е додадена вредност. Тоа спротивно на вашето тврдење, значи посигурна средина во која се наоѓа земјата. Заканите на Русија кон која било земја членка на НАТО нема да се реализираат бидејќи тоа значи одговор од сите 32 земји членки на НАТО, чија основна задача е гаранција на безбедноста на граѓаните на земјите членки на Алијансата. Дали Армијата се модернизира е сосема очигледно – износот на севкупниот буџет на Армијата во 2016 денеска е еднаков на износот кој се издвојува само за модернизација.
Вкупниот буџет е неколкукратно зголемен и изнесува 2,05% од БДП. Набавуваме оклопни возила JLTV од последната генерација, од кои 32 се веќе пристигнати и се дел од арсеналот на Армијата. Набавуваме и оклопни воизла Stryker, системи за противвоздушна одбрана Мистрал од Франција, како и артилериски системи од сојузничка Турција. Со набавката на новите хеликоптери, го обновуваме воздухопловниот винг, а дотогаш преку потпишаната рамковна спогодба со Чешка за резервни делови за постојните хеликоптери, флотата која во моментов ја имаме ќе биде целосно оперативна.
Граѓаните можат да се чувствуваат апсолутно сигурни и безбедни бидејќи конечно државата вложува во Армијата – во нејзиното опремување, во условите за работа, во секој еден припадник на Армијата поединечно, и бидејќи тоа денеска е Армија на НАТО.
Конкретно, дали Русија претставува закана за Македонија и за Западен Балкан и на кој начин ги спроведува своите влијанија во земјата?
-Влијанијата на Русија се спроведуваат преку хибридни закани, преку дезинформации, поткопување на довербата во институциите. Задача на сите нас – на институциите, но и на медиумите, јавноста е да не дозволиме тие закани, тоа сеење збунувачки информации и невистини да ја постигне својата цел. Режимот на Путин јa прави Русија да не е пријателска земја ниту на Македонија, ниту на земјите од Западен балкан, затоа што режимот го интересира дестабилизација и пореметување и попречување на европската интеграција на нашата земја и земјите од Западен Балкан.
Според последните информации Македонија испратила вкупна помош (хуманитарна и воена) од 24 до 30 милиони евра, што е најмногу од земјите во регионот. Дали овој факт не прави директна цел на Русија и планирате ли да продолжите со помошта за Украина?
-Северна Македонија од почетокот на руската инвазија досега испрати 14 пакети на помош за Украина и спроведовме обука на украински војници во Криволак. И помагаме на Украина поради тоа што таа земја има право да го одбрани својот територијален интегритет и суверенитет, затоа што е нападната од агресор кој нема да престане ако не му се возврати со отпор. Со нашите одлуки покажавме дека сме дел од светот кој застана зад правото на една држава да ја избира својата иднина. Целта на Русија беше да се обиде да внесе раздор помеѓу земјите–членки на НАТО. Но, го постигна токму спротивното. Од руската агресија до денес, Алијансата е посилна за две нови земји – Финска и Шведска, а сите заедно сме пообединети од кога било досега во намерата да ја заштитиме секоја педа НАТО територија.
Северна Македонија, заедно со сојузниците има јасна заложба да продолжи со поддршката за Украина, не за да продолжи војната, туку затоа што Украина има право да ја одбрани својата независност. Поддршката е секако согласно нашите капацитети и секогаш по добиеното позитивно мислење од страна на Генералштабот, нашето најстручно тело во одбраната. Нашите специјални сили се подготвени да дадат поддршка преку обука и во иднина.
Пендаровски предложи рехабилитација на деца и лечење на украински војници во земјава. Го поддржувате ли овој предлог и дали Македонија има капацитети за таков подвиг?
-Северна Македонија својот став за поддршка на Украина го има јасно и јавно изразено многупати досега. Во тој контекст, нашиот став во однос на поддршката и во доменот на рехабилитацијата на украински војници е позитивен, но анализите за начинот на спроведување на оваа поддршка се во тек. Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Северна Македонија во својата структура го има Воено-медицинскиот центар кој може да пружи општа медицинска помош, односно амбулантско лекување, но не и да лекува во болнички услови.
Течат анализите за начинот на кој ќе се пристапи кон можноста за ваков тип на поддршка со Министерството за здравство, но убедени сме дека доколку се упати такво барање од украинската страна ќе може да се најде решение и да се излезе пресрет на земјата која има за цел да го одбрани својот суверенитет од руската агресија.
Каде вие ја гледате директната придобивка од досегашното членство во НАТО?
-Првата клучна придобивка е тоа што со членството на Северна Македонија во НАТО повеќе никогаш нема да стане збор дали нашиот суверенитет, интегритет и безбедноста на граѓаните може да биде загрозена. Не може. За една држава која има нешто повеќе од 3 децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Значи безбедноста е на прво место, потоа се разбира таа безбедност и стабилност гарантира инвестиции и подобра економска состојба во државата. Бенефитите за Армијата се несомнени.
Ни претстојат претседателски избори, Пендаровски ја добива поддршката од партијата, неговата против-кандидатка Силјановска Давкова вели 100.000 разлика во прв круг. Настрана партиските пресметки, каков претедател и треба на Македонија во периодот полн со безбедносни закани и дали избирањето на Претседател на РСМ во Собрание е решение кое би го поддржале во иднина?
-Во овие неизвесни времиња, кога повторно конвенционалните војни се случуваат, во време кога злонмерните влијанија на земји кои не ни се пријатели се обидуваат да го поткопаат општеството ни треба Претседател кој ќе гарантира стабилност, ќе биде разумен и кој нема да се плаши да се спротиставни на некоја одлука на Владата или да врати некој закон за кој цени дека не е соодветен. Ни треба Претседател со интегритет, Претседател кој го поддржуваат и граѓаните, а не само пратеници, Претседател за кој повозрасните не служат за мајтап, туку за почит. Мислам дека во овој опис го препознавте сегашниот и иден Претседател, Стево Пендаровски, кој силно го поддржувам.
„Подготвена сум да бидам носителка на кандидатска листа, но и да не бидам“. Без разлика на вашето решение, каков изборен процес очекувате, дали се ова „историски избори“, како што велат од главната опозициска партија?
-Се надевам и посакувам фер и демократски изборен процес, посакувам кампања во која ќе зборуваме за постигнатото, но и ќе зборувме за иднината. Но, да не зборуваме за иднината низ апстракции, туку да понудме конкретни мерки и предлози, кои ќе бидат реални и остварливи. Овие се клучни избори, затоа што на нив ќе се одлучува, дали ќе продолжиме по европскиот пат или ќе застанеме под некоја дебела сенка и додека времето поминува сите ќе одат напред, а ние ќе чекаме незнаејќи што. Помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ има многу разлики, но една е особено важна, а тоа е сработеното за исполнување на нашите стратешки цели. Членството во НАТО го остваривме, можеме и членството во Европската унија да го направиме реалност.
Анкетите не се наклонети кон СДСМ, со ДУИ се „разидовте“ за претседателските избори, барем во првиот круг. Ќе преживее ли според вас „европскиот“ блок до парламентарните избори?
-Се се случува со причина. СДСМ е посветен на внатрепартиската организација и интензивни подготвки за претстојните парламентарни и претседателски избори. СДСМ и коалицијата се подготвени на соочување со граѓаните, но и презентација на понуденото, кое нема да не враќа од почеток, туку само ќе се надогради на се она што е добро направено претходно и корегирање на пропустите.
Ја поддржувате ли тезата „или ЕУ или пропаст“ која често ја слушаме во партиските говори на вашиот лидер Ковачевски? Нема ли алтернатива за Македонија?
-Ниту НАТО, ниту Европската унија имаат алтернатива. И тој пат е единствениот пат кој на Македонија и гарантира стабилност, безбедност, повисок стандард, подобро образование, подобар правен систем, поефикасна борба со корупцијата, и најважнотот младите да бидат дома, но во Европската унија, затоа што Македонија мора да биде дел од Европската унија.
В.З.