Венко Филипче носител во ИЕ 4: Ќе ги застапувам интересите на граѓаните од целата држава, не само од единицата каде што сум носител

од Vladimir Zorba
270 прегледи

Неврохирургот и поранешен министер за здравство, д-р Венко Филипче на својот Фејсбук профил и официјално објави дека се враќа со негов активен ангажман во политиката претставувајќи го Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата како носител на Изборната единица 4.

„Без разлика дали сум доктор или пратеник, мојата мисија е да им помагам на луѓето. Оваа вредност секогаш ме водела и ќе ме води во животот. Останувам посветен на моите пациенти како доктор, но како иден пратеник ќе имам можност да приднесам во креирање политики кои ќе имаат широко влијание во здравството и во другите области кои се важни за граѓаните“-пишува Филипче.

Тој најави дека ќе ги претставува интересите не само на граѓаните на ИЕ 4, туку и на целата држава, и дека покрај во здравството каде што може да го понуди своето огромно искуство и експертиза, ќе работи на унапредување и на другите сфери од значење за граѓаните.

„На овој пат, јас ги вложувам моето искуство и интегритет и се обврзувам дека ќе бидам достапен за сите граѓани. Живееме во време на неизвесност и само со емпатија и грижа еден за друг можеме да ја трансформираме неизвесноста во надеж, а стравот во храброст. Како иден пратеник ќе ги застапувам интересите, не само на граѓаните од ИЕ 4 што ќе ја предводам, туку и на граѓаните од целата држава. Уверен сум дека со посветеност и соработка ќе направиме значајни промени кои ќе го подобрат животот на сите мои сограѓани“, пишува Филипче во својот објава.

Слични содржини