Вчера во просториите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, претседателот на партијата, Димитар Ковачевски потпиша меморандум за соработка со претседателот на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски, со кој се проширува соработката со сите општествени и политички чинители, а во насока на продолжувањето на активностите кои означуваат обезбедување европска иднина за граѓаните.
-Со меморандумот за соработка се потврдува соработката со Движењето за Нова Република со цел полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија и придонес кон националната и колективната безбедност и одбрана на Северна Македонија и кон нејзините сојузници во НАТО, велат од СДСМ.
Се додава дека потписниците со потпишаниот меморандум ја потврдуваат соработката со цел зајакнување на владеењето на правото во Северна Македонија по изборите, а воедно ќе се залагаат за креирање и спроведување одржливи јавни политики со кои ќе се обезбеди просперитет за граѓаните и државата.
До крајот на неделава ВМРО-ДПМНЕ ќе ја објави коалицијата со која заедно ќе настапи на парламентарните избори. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски обзнани дека освен досега декларираните партии кои излегоа од владината коалиција, во најава се и други, но има и такви за кои нивната партија оценила дека не споделуваат исти вредности.
-Очекуваме самостојно да освоиме 61 пратеник, а за владина коалиција ќе разговараме по изборите, вели Николовски, кој во четвртата изборна единица ќе се соочи со екс-министерот за здравство, Венко Филипче.
Во Тетово, по ПДП и ДПА пред безмалку две децении, сега се случи и ДУИ да коалицира со ДПА, иако партијата на Мендух Тачи не е фактор на одлучување. Беше потпишан договор меѓу четири партии за новиот „Европски фронт“, но без партија од македонскиот блок.
Големите сè уште разговараат со помалите, дури има и одбивања за влез во одредена коалиција. Промоциите на листите се во тек. За постизборно коалицирање е сè уште многу рано.