Македонците „навалија“ по недвижнини во Србија

од Nikola Popovski
4,4K прегледи

Странците се повеќе се одлучуваат да купат недвижен имот во Србија, пред се во Белград и Нови Сад. Податоците на тамошниот Републички геодетски завод (РГЗ) покажуваат дека уделот на странските државјани за една година е речиси двојно зголемен. Од вкупниот број купувачи, учеството на оние кои живеат надвор од Србија лани се зголемил на 4,81 отсто, во споредба со 2022 година кога изнесувал 2,93 отсто. Во последно време најголем број странски купувачи доаѓале од Руската Федерација.

Според српските медиуми, факт е дека најголемиот дел од купувачите на пазарот се уште се државјани на Србија, но на динамиката на понудата и побарувачката значително влијаат на купувачите од странство, кои првенствено купуваат станови во Стар град, Врачар, Савски венц и Нов Белград.

„Државјаните од Русија последниве години се појавуваа пред се како закупци на станови и деловни простории, но сега се почесто се одлучуваат за купување. Основаат и голем број фирми кои понатаму се јавуваат во улога на купувачи на недвижности. Меѓу купувачите има и Украинци, додека најголем број од Европската Унија доаѓаат од Франција и Германија. Има и државјани на Америка, Канада и Австралија, а најголем дел од нив се од соседните земји, пред се од Македонија. Се разбира, има многу наши граѓани кои живеат и работат во странство и кои традиционално купуваат недвижен имот на домашниот пазар како безбедно инвестирање“, вели Нела Пешиќ од агенцијата „Раичевиќ некретнине“, пренесува „Bizlife“.

Пешиќ соопштила дека Русите и Украинците се заинтересирани и за куќи надвор од Белград, во населби кои се оддалечени приближно еден час од градот. Додала дека странците најмногу бараат станови, но исклучок се граѓаните на Македонија кои купуваат куќи со цел натамошна доградба. Забележливо е, вели таа, дека на тамошниот нивен пазар излегуваат и Унгарци кои се заинтересирани за купување локации за градење.

Слични содржини