Генералниот совет на Демократската унија за интеграција денеска во Тетово го одржа шестиот состанок на кој се разговарало за Европскиот фронт, со што биле потврдени листите на кандидати за пратеници.
-Претседателот на партијата, Али Ахмети ги информирал членовите на Генералниот совет на ДУИ за формирањето на Европскиот фронт и заедничката програма на коалицијата за евроинтеграции и запирање на руските влијанија во нашата земја и регионот, велат од ДУИ.
Во соопштението се додава дека уставните измени, евроинтеграциите, добрососедството, бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупција, се главните проекти на заедничката програма.
-Едногласно Генералниот совет на ДУИ го поддржува формирањето на Европскиот фронт и заедничката кандидатура за претседател на државата на Бујар Осман. Генералниот совет на ДУИ ги потврди листите со кандидати за пратеници на Европскиот фронт презентирани од претседателот Ахмети, на кои се: ИЕ1 – носител на листа Блерим Беџети, ИЕ2 – носител на листа Садула Дураку, ИЕ3 – носител на листа Сулејман Баки, ИЕ4 – носител на листа Енвер Хусеин, ИЕ5 – носител на листа Зијадин Села и ИЕ6 – носител на листа Али Ахмети, порачаа од партијата од Мала Речица.