Димитриеска Кочоска: Ветувањето на СДСМ за повисоки плати може да се оствари за краток рок, но со повисока инфлација – вредноста на парите да биде реално уште помала и кога би имале плата од 1.100 евра

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

За жал од сето она што досега го слушнав и прочитав за програмата на СДСМ, можам да констатирам дека повторно фокус им се тековните расходи, односно продолжуваат со политика на поттикнување на лична и јавна потрошувачка која ни донесе 1% раст на БДП во 2023 година (или 1,7% за нивниот период на владеење) и која ја потхрануваше инфлацијата која достигна рекордно ниво, особено на храната, вели во разговор за „Локално“, потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна дополнителна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска за предизборната програма на СДСМ насловена како „Програма за европска иднина“.

Тоа, како што додава, понатаму го забави растот на животниот стандард и токму поради ваквите нивни политики, потенцира Димитриеска Кочоска, Македонија денес е една од најсиромашните земји во Европа и светот, додека пак се проценува дека во 2023 година бројот на лица кои живеат во екстремна сиромаштија, со 60 денари на ден, е покачен од 54.000 лица на над 80.000 лица.

-Во економијата важна е куповната моќ на платата, односно пензијата, а не само да расте апсолутниот износ. И покрај тоа што расте просечната плата, луѓето можат да купат се помалку производи со неа. Може да заклучиме дека нивниот модел за економски развој и квалитетен животен стандард е погубен, погрешен и не даде резултати, а тие и понатаму се потпираат на истиот модел, истакнува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ најавува дека просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата 600 евра, на што соговорничката вели дека за краток рок, вакво остварување на просечна и минимална плата може да се оствари, но со инфлација многу повисока од оваа, односно повторно вредноста на парите да биде реално уште помала и кога би имале плата од 1.100 евра со неа би можеле да купиме уште помалку производи.

-Пазарните механизми треба да ги дефинираат овие услови бидејќи искусивме што значи вештачки притисок. Колку и да се фалат со платите, народот на свој грб осети како од година во година се полошо живее. Исто така продуктивноста постојано оди надолу иако оваа Влада се фали дека дала огромни износи за поддршка на инвестиции. Доколку парите беа правилно насочени ќе имаше реален ефект и повисок раст на БДП, а не 1%, објаснува Димитриеска Кочоска.

По економската теорија, додава вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ, ништо да не се превзема – економијата сама ќе оствари 1% раст.

-Заклучок, политиките кои ги превземаат се погубни и ни го уништуваат стандардот. Кога станува збор за намалување на невработеноста јас ги замолувам граѓаните да ги погледнат податоците на Државниот завод за статика и да видат како бројот на вработени лица се намалува од 2022 до 2023 година, што јасно укажува дека имаме пензионирања и напуштање на државата. Да беа малку поспособни немаше да имаме вакви поразителни бројки. Кога се намалува активното население поради иселување, логично е да паѓа невработеноста. Но тоа не ја отсликува реалната состојба во економијата. Ако ги избркаат и оние млади кои сè уште веруваат дека може да биде подобро, тогаш може да се симнат и до 5% стапка на невработеност. Затоа ние јасно кажавме како бројка колку лица ќе се вработат во нашиот мандат. Не одиме на гол популизам, туку на реални пресметки врз база на тоа какви се нашите планови за домашни и странски инвестиции, тврди соговорничката.

На темата за зголемување на пензиите, Димитриеска Кочоска потенцира дека пензионерите имаат две опции: „да продолжат да веруваат на лагите на овие кои 7 години ги лажеа како им одговараше или да веруваат на ВМРО ДПМНЕ – партија која секогаш се грижела за пензионерите на реална и фер основа“.

-Ако толку се грижеа за пензионерите зошто им го сменија начинот на пресметка за усогласувањето на пензиите? На тој начин ги „крадеа“ или им кратеа од пензиите неколку години. Потоа повторно го вратија усогласувањето врз база на растот на трошоците за живот и растот на просечната плата, при што им даваат процентуален раст. Ова го зголеми јазот помеѓу највисоката и најниската пензија, со што се зголеми сериозно бројот на пензионери кои живеат на раб на сиромаштија. Нашата појдовна основа кога ја подготвувавме програмата беше токму ова – да се намали тој јаз бидејќи порастот на цената на струјата, лековите, комуналиите, храна и слично имаат иста цена за пензионерите и оттука единствен исправен модел е линерано покачување на пензиите. Да заклучам – оваа влада ако сакаше можеше да го подобри животот на пензионерите, но за жал не направи ништо освен полоши услови за живот, ни рече поранешната дополнителна заменик-министерка за финансии.

Н.П.

Слични содржини