Денеска тргнуваме на многу важно патување – референдум за иднината на нашата земја, изјави кандидатот за претседател, Бујар Османи на првиот ден од изборната кампања во пресрет на претседателските избори. Тој пред вила „Водно“ со помладокот на ДУИ го претстави и брендираниот автобус со кој ќе ги посети местата низ Македонија, со цел да ја претстави својата програма и да ги придобие гласачите.
-На денот на основањето во НАТО го почнувам победничкиот караван под број 4 како симболика дека сме на правиот пат. Ја почнувам оваа мисија со надеж дека ќе ја завршам како претседател во седиштето на ЕУ, седнат на маса на Европскиот совет како полноправен член, рече меѓу другото Османи.
Додаде дека „го има искуството, ги има контактите, го има кредибилитетот во центрите на одлучување и посветеноста за да го заокружи сонот на секое семејство за светла и европска иднина“.
-Зад мене стои најголемиот мултиетнички блок, коалицијата на девет политички партии собрани под Европскиот фронт, нова платформа произлезена од Охридскиот рамковен договор, која има за цел да го задржи евроатлантскиот курс на оваа земја, меѓуетничката хармонија, да ги зачува добрите меѓусоседски односи, но секако и да се заврши во текот на следниот мандат т.е. до 2030 година интеграцијата на земјата во ЕУ, кажа министерот за надворешни работи.