Нема да дозволам Универзална сала да биде дел од политичко препукување и дел од изборната агенда на Арсовска, изјави денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска како реакција на вчерашните обвинувања од страна на градоначалничката Данела Арсовска. Министерката најави и правни дејствија кон градоначалничката на Град Скопје поради, како што рече, инсинуациите и небулозите дека „знаела за пожарот, но не пријавила веднаш“.
-Обвинувањата не заслужуваат внимание бидејќи се измислена приказна. Таа самата детално ќе објасни во тврдењата за мене. Изгледа добро и оди со судски тужби. Ако сака да биде обвинител и истражител, нека повели. За клеветите ќе се видиме на суд. Не само што покажа негрижа за градот и немање слух, туку покажа и дека единствениот начин со неа е само преку суд, истакна Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека градоначалничката нема да успее да ја спречи реконструкцијата со вчерашната прес-конференција.
Министерката во моментов не може да каже зошто се запали салата. Најави дека се уште трае истрагата и МВР ќе излезе наскоро со детали.
-Граѓаните не треба да се сомневаат, ниту да имаат страв дека Бисера или било кој друг од Министерството за култура направил упад во системот за јавни набавки, порача Костадновска-Стојчевска.
Таа истакна дека Универзална сала е осигурана и ќе им биде вратена на граѓаните. Министерката потенцира дека Арсовска побарала да се запрат работите на Универзална сала.
-Универзална сала не е лична своина на Данела Арсовска. За објектот одлучуваше Советот на Град Скопје. Ако тие одлучат, тогаш тоа е процес на кој што не можеме да влијаеме, заклучи министерката.
Посочувајќи дека Град Скопје предупредил дека проектот не обезбедува безбедна изградба, Арсовска вчера вели дека иако се сопственици на објектот, не биле информирани за отпочнување на градежните активности на концертната сала. По тврдењата на надлежните дека објектот е осигуран и штетата ќе биде покриена, градоначалничката бара одговор каде, кога и од кого е осигуран проектот и на која вредност.
Обраќајќи се пред новинарите на вчерашната прес-конференција, Арсовска рече дека е нејасно зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила и зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач.