Фатен еден од учесниците во филмскиот грабеж на сефот во Црниче, вкупно однеле 285 илјади денари

од Nikola Popovski
227 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик. Станува збор за неодамнешниот филмски грабеж во маркет во скопската населба Црниче.

Како што информираат од ОЈО, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во затворен маркет на улицата „Востаничка“ во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или се во вкупна вредност од 285.000 денари.

-Со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго делувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел, кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа заедно со останатите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор сега осомничениот заедно со другите лица влегол во просторијата наменета за вработени, од каде го одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец, објавија од ОЈО.

Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата работи на откривање на неговите соучесници.

Видеото од грабежот беше хит на социјалните мрежи. Можеше да се забележи како крадците успеваат да го стават сефот во багажникот и тргнуваат да бегаат, но по пат сефот им паѓа, па се враќаат и повторно го подигнуваат внатре во возилото.

Според снимката, станува збор за четири лица. Алармот на маркетот бил вклучен при грабежот.

Слични содржини