Најдобриот македонски кошаркар во моментов и воедно наш репрезентативец Ненад Димитријевиќ е прогласен за МВП на регуларниот дел во овогодинешното издание на ВТБ лигата.
Актуелниот кошаркар на руски Уникс Казан го добива најпрестижното индивидуално признание и уште еднаш докажа дека игра во неверојатна форма оваа сезона.
Димитриејевиќ сезонава просечно бележеше по 19 поени, 6,6 асистенции и 3,6 скока, како и 1,3 украдени топки по натпревар. Просечниот скор на индекс-поени изнесува 23,9, што го прави убедливо најкорисен играч во силната ВТБ лига.
„Навистина сум среќен поради ова признание. Оваа сезона одигравме многу важни и неверојатни мечеви, а воедно бевме први во регуларниот дел. Наградата ми годи, но резултатите ги оствари целиот тим“, изјави Димитријевиќ.
Сезонава Димитријевиќ забележа и неколку рекорди, а највпечатлив беше кога постигна дури 40 поени и девет асистенции против гигантот ЦСКА Москва.