Прифатени уште приговори – ќе се прегласува и во Охрид и Крушево

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Државната изборна комисија усвои три приговори на ВМРО-ДПМНЕ и еден на коалицијата ВЛЕН. Прегласување ќе има во Охрид, во Крушево и во Желино. По извршеното пребројување за избирачкото место во Охрид, било утврдено дека записникот не е правилно пополнет, а имало и корекција во делот на гласачите внесени рачно.

Во Крушево, приговорите за двете избирачки места се усвоени поради несовпаѓање на бројките од записникот со оние од уредот за биометриска идентификација. Во избирачко место во Желино пак, ДИК утврдило дека 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во уредот, туку гласале само со матичен број и со скенирање на личната карта.

Вториот приговор поднесен од Влен кој беше одбиен, се однесуваше на избирачкото место 1953 во Тетово – шестата изборна единица. А, како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 125 граѓани кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

За изборните резултати до ДИК беа поднесени 27 приговори – девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

Слични содржини