Гордана Силјановска-Давкова го започна својот мандат како шеф на државата и прва жена-претседателка на Македонија. Од собраниската говорница порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани и дека нема да прави разлика. Сепак најмногу реакции предизвика нејзиното изговарање на името Република Македонија при давањето заклетва. По тој повод се огласи и министерот за правда, Кренар Лога кој побара од претседателката да ја повтори свечената изјава.
-Во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела, одговорија на реакциите од кабинетот на новата шефица на државата. Уверуваат дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Од „Вила Водно“ посочија и дека свечената заклетва беше потпишана на уставното име.
-Македонските институции во последниве пет години, речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува, сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатералните обврски кои ги презеле кон земјата, стои во соопштението од кабинетот на Силјановска – Давкова.
Дали шефицата на државата го прекрши Уставот?
Според Елена Михајлова-Стратилати, професорка по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во разговор за „Локално“ вели дека постојат три основни поенти од заклетвата на Силјановска Давкова и неупотребата на уставното име.
Како прва ја наведува дека претседателката го прекрши Уставот.
-Она што е противуставно е изјавата што таа ја даде, таа изјава ја прекршува нејзината обврска од член 81 од Уставот да даде свечена изјава пред Собранието пред преземањето на должноста дека се обврзува на почитување на Уставот. И Уставот е законски изменет(33-ти амандман) за да се пропише името на државата како Република Северна Македонија.
Но, според мене, ваквата противуставност не го прави неуставно нејзиното назначување на функцијата Претседател на Републиката, посочува Михајлова Стратилати.
Како втора поента вели дека нејзиниот статус на Претседател на државата може да се предизвика само преку посебната постапка од членот 87 од Уставот.
-Таа го прекрши уставот, но за тоа може да одговара само преку посебната постапка од член 87 на Уставот. И во оваа смисла не постои јасна одредба која вели дека нејзиното преземање на должност е условено со потребната изјава. Според мое мислење, ако не постои јасен јазик во член 81 што ја прави изјавата предуслов, тогаш тоа е едноставно услов што таа треба да го исполни, но не и предуслов за таа да стане Претседател, истакнува професорката.
Михајлова Стратилати додава дека третата поента е што всушност претседателката нема право да го употребува името Македонија во нејзините јавни настапи, како дел од нејзиното самоопределување, како што таа тврди.
-Јавните настапи се дел од нејзината улога како орган на државата. Таа може да го практикува своето самоопределување приватно. Или во нејзините општествени кругови кога се појавува во неофицијално својство. Дали таа смета дека нејзините обврски како државен орган важат само кога потпишува документи? А јавните говори и настапи за неа се дел од сферата на нејзината индивидуална автономија?! Ова е комплетно неточно, децидна е соговорничката.
Што се однесува до Изборникот законик и неговиот член 123, посочува професорката, Изборникот законик треба да се чита во согласност со Уставот и неговиот 33 амандман. Укажува дека целото законодавство треба да се чита и да се спроведува според Уставот. Во спротивно, ќе може да се каже дека законот е противуставен и не важи. Но, за да се спаси, се толкува според Уставот.
-На Грција не ѝ е дозволено да реагира на какво било прекршување на уставот на други земји, согласно чл. 2 став 4 од Повелбата на ОН. Но, Грција секако може да реагира на прекршување на Меѓународниот договор (Договорот од Преспа), што и претставува нејзината изјава, објаснува Михајлова Стратилати.
Реакции од двете страни
Се огласи и македонското МНР, потврдувајќи ја цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.
Со реакција и од грчкото МНР. Пишуваат дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија“.
„Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски“, соопштија од грчкото МНР.
Се огласија и од Стејт Департментот
Вашингтон го повика Скопје на континуирани напори и реформи за постигнување напредок во пристапот во ЕУ.
„Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој е вкоренет во заедничката посветеност на иднината на земјата како полноправна членка на ЕУ“, изјавија од американскиот Стејт департмент за „ВОА“.
„Нашите заеднички цели за безбедност, просперитет и целосна евроатлантска интеграција остануваат, а САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во исполнувањето на овие аспирации. Бугарија инсистира на вклучување на Бугарите во Уставот како предуслов за почеток на ЕУ на Северна Македонија преговорите за членство САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа“, соопштија од Амбасадата на САД во Скопје.
Н.П.