Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар на Владата, Христијан Мицкоски очекува поддршка за Африм Гаши да биде нов претседател на Собранието од сите оние потпишани позади неговата поддршка.
-Треба ли да го коментираме Димитар Апасиев? Тој пред изборите имаше бланко понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство. Одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива- дали на Хургада или некоја грчка плажа…Како што изјави еден од неговите поранешни сопартијци дека „тие биле една група на џанаци“, така ѝ продолжува да се однесува, кажа Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања пред првата конститутивна седница на Собранието.
Ваквата реакција следува откако лидерот на Левица му порача на Мицкоски дека како пратеничка група даваат бланко поддршка за Гаши да не биде претседател на Собранието.
-Ние би дале поддршка од нашите шест пратеници да не биде Албанец претседател на Собрание. Отворено го повикуваме Мицкоски за бланко поддршка на невидено, само повторно да не биде косоваризиран македонскиот Парламент, кажа Апасиев пред да влезе во Парламентот.