Пратеникот Африм Гаши е избран за нов претседател на Собранието. Тој денеска беше изгласан со 76 гласови „за“, а шестмина беа „против“. Немаше воздржани пратеници. Во Собранието беа присутни 116 пратеници.
Откако беше избран за нов претседател на Собранието, пратениците на Левица ја напуштија седницата. Уште претходно истото го сторија и пратениците од Европскиот фронт, предводени од ДУИ. По ова, Гаши ја потпиша свечената изјава и се обрати од собраниската говорница.
Тој прво ја кажа заклетвата на албански јазик, а потоа се обрати на македонски јазик.
Претходно, членот на коалицијата ВЛЕН беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и движењето ЗНАМ.
Собранието денеска во рамки на конститутивната седница со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници.