САД не замижуваат пред жртвите во Рафах, на југот од Појасот Газа, изјави синоќа претставник на Белата куќа како одговор на израелскиот напад врз кампот за раселени лица во неделата, во кој загинаа 45 лица.
„Сепак, нема да има промена во американската политика за поддршка на Израел“, изјавил портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
Американското Министерство за одбрана (Пентагон), од своја страна, изрази уверување дека израелската операција во Рафах и понатаму е ограничена.
„Продолжуваме да веруваме дека она што се случува во Рафах, она што го прави израелската војска е од ограничен обем“, кажа портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
„Многу сериозно го сфаќаме она што се случи викендов. Сите ги видовме сликите, тие се апсолутно ужасни. Дали го поддржуваме она што се случи викендов? Се разбира дека не сакаме да видиме таква смрт“, додала таа.
Околу милион луѓе веќе избегаа од Рафах во последните три недели и почетокот на копнената операција на израелската армија, соопшти агенцијата на ОН за палестински бегалци.