Панчев: Имам две мајки – едната е Македонија, другата е Србија

од Nikola Popovski
852 прегледи

Белградска Црвена Звезда на вчерашен ден пред 33 години се искачи на врвот на Европа со победата на Олимпик од Марсеј по подоброто изведување пенали. Херој беше нашата фудбалска легенда, Дарко Панчев, кој го реализираше одлучувачкиот пенал, а во истата сезона беше и најдобар стрелец во Европа. Токму поради оваа причина од тимот од Србија го посетиле во Скопје, каде му подариле ретро-дрес со славната 9-ка на Панчев од финалето во Бари.

-Кога го облеков овој прекрасен дрес ми се вратија спомените од моментот кога ја покоривме Европа во 1991 година и морам да признаам дека е многу удобно. Tука е и мојот потпис, а го има и белегот дека ја освоив златната копачка таа година. Ме радува што споменот на нашата генерација се чува на овој начин. Тогаш не следеа голем број навивачи, а во следните години тие луѓе веројатно им кажуваа на своите потомци како изгледа сето тоа, додека сега можат уште повеќе да се доближат до нашата генерација и Звезда како клуб, изјавил познатиот стрелец за клупската телевизија.

Панчев истакнал дека секогаш е убаво да се носи црвено-белиот дрес, односно дека има голем број пријатели кои ја следат Звезда и дека ќе ги израдува со ретро-дресот од Бари.

– Кога го облеков дресот имав голема желба да истрчам на теренот, но годините си го прават своето. Многу сум среќен што сум повторно во црвено-бело и секогаш е убаво да го носам светиот дрес за мене, без разлика на марката. Моите пријатели, големите ѕвездаши сигурно ќе ги изненадам со овој дрес од Бари и верувам дека ќе бидат воодушевени, кажал Панчев.

Славниот голгетер во своето интервју го спомнал и својот матичен клуб, Вардар.

-Секогаш сум зборувал дека Вардар и Црвена Звезда се моите најдраги клубови. Јас имам две мајки, едната е Македонија, другата е Србија и тоа не може никој да го промени. Се останато и играњето беше само одење во странство, како гастербајтерите кога одат да печалат. Она што го имам во срцето за Вардар и Звезда е она вистинското. Моите чувства и спомени се поврзани за овие клубови, додал еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата.

Слични содржини