ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: Да беше тендер сигурно ќе го поддржеа, но системски закони не

од Nikola Popovski
2,6K прегледи

СДСМ полека станува изолирана партија, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако од „Бихаќка“ не го поддржаа законот за реорганизација и зголемување на бројот на министерства во Владата.

Според партијата на Христијан Мицкоски, СДСМ покажа дека е против државните интереси.

-Да беше тендер сигурно ќе го поддржеа, но системски закони не. Нормално против беше Венко Филипче кој да беше тендер на Пановски веднаш ќе го поддржеше исто како кога беше министер. Исто како и Славјанка Петровска која во својата кариера е позната по гафови и несреќни изјави. Тие од трката за лидер на СДСМ направија пародија и низ призмата на нивната борба носат одлуки во Собранието.  За среќа овие ликови народот ги прати во историјата на последните избори. Потребно е сега да се соочат и со одговорност, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

За законското решение кое дојде на предлог на Мицкоски, вчера во 3 часот наутро гласаа 88 пратеници. Освен идните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, идејата за реорганизација на дел од постојните ресори во Владата ја поддржа и Европскиот фронт, предводени од ДУИ.

СДСМ и Левица не се согласија законските измени да се носат по скратена постапка, и како што велат, без дебата и консултација на експертите.

-Зголемувањето на бројот на министерства не води до ефикасност. Ефикасноста секогаш вели со помали трошоци да се добива повеќе. Напротив. Повеќе институции доведуваат до поголема бирократија, непотребно трошење на ресурси и дополнителни компликации во координацијата на различните институции. Наместо да се подобри ефикасноста се создава хаос и конфузија. Овој закон не нуди суштински и институционални подобрувања. Многу институции не се укинуваат туку се преименуваат, рекоа од СДСМ.

Слични содржини