За доброто на граѓаните или нов „дил“ за „партиски војници“ во министерствата: Која е позадината на подавањето рака меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?

од Nikola Popovski
2,7K прегледи

Неспорен факт е дека сега веќе опозициската ДУИ помогна во носењето на законите за државната управа. Прекројувањето на дел од министерствата – за ВМРО-ДПМНЕ е прв чекор кон трансформација на Македонија. Според нив, усвојувањето на законските измени ќе резултира со поефикасни и потранспарентни институции, а истовремено, како што велат, ДУИ нема да биде во позиција да условува. „Мислам дека треба да се игнорира бидејќи сите ние знаеме дека прво не се фактор за да можат да наметнат таква тема и мислам дека не треба повторно да се фаќаме како јавност на јадицата која што доаѓа од политичка опција која што набргу од денеска ќе биде во минатото и ќе одговара за сето тоа што го правеле“, вака идниот премиер Христијан Мицкоски изјави по изборите за партијата на Ахмети. Во текот на кампањата беа објавени голем број обвинувања на релација „Бела палата-Мала Речица“, а се споменуваа и „бисквити и гурабии“. Што се промени во таборот на ВМРО-ДПМНЕ за да отстапат од своите ветувања?

Дел од јавноста смета дека ВМРО-ДПМНЕ беше целосно транспарентна и во самата кампања и пред воопшто кампањата да започне, а нетранспарентни беа медиумите и новинарите, тогашната власт и целата експертска јавност, која во ниту еден момент не ја проблематизираа таа заложба на ВМРО-ДПМНЕ, а ниту пак некој побара дополнително објаснување. Вака во разговор за „Локално“ вели поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите, Никица Корубин. Според неа, во таа смисла, овој политички потег е апсолутно легитимен.

Никица Корубин

-Ако го третираме како чисто партиски потег и тука има “легитимитет” затоа што брзото и во скратена постапка носење е поврзано со формирањето на коалициона влада, чие формирање е поврзано со скратени рокови. Дали има место за критика? Апсолутно. Ама, суштинска и структурна, а не површна и наменска како што е сега. Кој ќе биде на пример аргументот за критика за формирање на Министерството за европски прашања, и како воопшто до сега можело да нема ваков орган, кога стратешка определба е токму ЕУ? Од друга страна со самите измени, покрај формирањето на нови министерства се укинуваат и одреден број органи (инспекторати), во процес на рационализацијата која во тек. Умешно избалансиран, за партиски и политички потреби, потег. Која е крајната цел, ќе видиме во скора иднина, тврди Корубин.

На прашањето дали е ова „за доброто на граѓаните“ или уште еден „дил“ за да се создадат нови министерства и да се полнат со партиски војници, соговорничката вели дека ДУИ во целата приказна е опозициска партија, која знае политички умешно да ја факторизира својата поддршка, а во која мерка е друго прашање.

-Партократска „полза“ од оваа промена, нема да има ДУИ, туку партиите во идната власт и затоа ним треба да им се адресира прашањето: дали за ВЛЕН и за ЗНАМ е прифатлив овој тип на промена во системски закон и кое е нивното образложение за поддршката? Белким не е само коалициски „пазар“ затоа што со сите критики што ги упатија во предизборната кампања треба самите да имаат силни аргументи за секое изјаснување во парламентот и за начинот на носење на истото. Но, сепак најинтересна е позицијата на СДСМ која, според мене апсолутно политички погрешно постапи во целата ситуација и позади површната реторика, не ја понуди својата поддршка и не го искористи моментот за фокусирање на главното прашање: уставните измени. За кои мораа да бидат потсетени идните коалициони партнери, на такво сигурно 2/3 мнозинство, објаснува Корубин.

Според неа, опозицијата, како „европски и евроатлантски“ ориентирана, многу повеќе требаше да ја загрижи заклетвата на претседателката и прекршувањето на уставот и меѓународните договори, по кои следеа низа критики, предупредувања и потсетувања од сите меѓународни партнери за непочитување на меѓународните договори. Корубин анализира дека ппозицијата треба да ја загрижи компромитирањето на кредибилитетот на државата со најава за натамошно непочитување на суштината на нашиот устав и Преспанскиот договор, под покровителство на ОН, и како стратешки договор со Грција и дел од преговарачката рамка.

-И така загрижена опозицијата треба да ја користи секоја прилика, да ја потсетува и охрабрува власта која ќе се формира, за обврските на државата, а не на партијата или поединците, и на нејзиниот углед. Во таа смисла какво владеење односно управување со државата ќе имаме, зависи не само од манирите на власта, туку и од капацитетот на општеството и на системот да биде “контролор”. А, опозицијата е секако институционален, парламентарен “контролор”. Време е конечно, да почне и да се однесува така, заклучува поранешната пратеничка.

Oд друга страна, овој потег на ДУИ е зачудувачки со оглед на првичните критики кои ги упатија кон новите законски измени и начинот на кој ќе се реорганизира администрацијата, вели за „Локално“, политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи. Според него, ова остава голем простор за анализа за тоа како е постигнат овој договор и кои се резултатите кои треба да ги испорача идната Влада кон ДУИ или пак можеби ова беше првично зближување на долгогодишни партнери кои во иднина можеби ќе владеат заедно. Сите овие дилеми останува да ги видиме во наредниот период, оценува тој.

Енвер Салихи

-Искрено кажано ова е очекуван потег со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ од старт ја бараше оваа реорганизација, но сепак е зачудувачки што ветуваа реорганизација и намалување на бројот на министрите, а не зголемување на бројот на истите што е спротивно од практиката на многу поразвиени европски држави кои имаат до 15 министерства. Да не критикуваме од старт би оставиле простор да видиме како се оваа ќе функционира и кои ке бидаат финансиските импликации од оваа реорганизација, посочува Салихи.

Смета дека е погрешен потег промената на системски закон без дебата со пошироката јавност, стручната јавност како и невладиниот сектор – се со цел запознавање на јавност за намерите, импликациите и целите кои се постигнуваат со реорганизацијата на администрацијата.

-Можеби преку дебатата ќе се носеа подобри решенија за реорганизацијата, но сепак партиите кои се на власт посегнаа кон оваа радикална промена поради нивните намери од старт да го релизираат тоа што им е замислено и ќе видиме какви резултати ќе се испорачуваат. Имањето на 2/3 мнозинство не значи прекин на поширока дебата, како еден незаменслив принцип во демократскиот свет, така што во иднина за било која промена истото треба да се испочитува кога се носаат поголеми промени во општеството, истакнува Салихи.

Со сличен став е и аналитичарот и новинар Дритон Зенку. Според него, Ова не е прва прилика вака да се сретнат и да соработуваат заедно политичките противници.

Дритон Зенку

-Потегот на ВМРО и ДУИ не е прв и сигурно нема да биде последен пат. Оправдувањето од страна на Европскиот Фронт беше европската линија, односно дека се соработува за закон кој произлегува од потребата од кохезија со Европската унија. Дали граѓаните се чувствуваат разочарани? Не верувам дека има граѓанин што не верувал на таков потег. Да беа поинакви бројките во Собранието, од првиот ден после изборите ќе гледавме приближување на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, анализира Зенку за „Локално“.

Тврди дека целта ги оправдува средствата, а партиите секогаш ги оправдуваат своите одлуки со образложение дека овие одлуки се во корист на државата и граѓаните.

-Ниту една опција не е исклучена и не ме чуди што совладеењето меѓу ВМРО и ДУИ ќе се случи сега или во блиска иднина. Годините 2006-2008 се многу слични со политичката сцена низ која поминуваме. Во политика, ако е потребно, дури мачката и глушецот знаат да најдат мир меѓу себе, истакнува аналитичарот.

Смета дека опозицијата, во случајов СДСМ, не можеше да се изјасни поинаку.

-Секој чекор на власта и во иднина, ќе се парафразира во полза на политичкото бодување. Нашите партии немаат строги и долгорочни позиции, заземаат позиции врз основа на секојдневните политики потреби. ВМРО по трет пат ќе владее со државата и досегашните практики не не изненадуваат за каква било одлука во иднина, вели Зенку.

Од Коалицијата ВЛЕН се задоволни што ДУИ омекнале во реториката и ја поддржале реорганизацијата на Владата. „Добро е што дел од ДУИ на прашањето за реорганизација на министерствата покажа дека може да биде и конструктивна опозиција. После бојкотот на гласањето за Африм Гаши заедно со Левица, ова е мал исчекор кон прифаќање на реалноста“, се вели во соопштението од здружената албанска коалиција.

СДСМ и Левица не се согласија законските измени да се носат по скратена постапка, и како што велат – без дебата и консултација на експертите.

Со новиот Закон, Министерството за економија го интегрира ресорот – Труд, а Социјална политика се проширува со демографија и млади. Треба да се надгради она за Дигитална трансформација и администрација, а Култура ќе ја опфати и туристичката дејност. Реорганизацијата креира нови министерства – за Спорт, и за Енергетика, рударство и минерални суровини.

Н.П.

Слични содржини