Иако вчера требаше да заврши, Конгресот на СДСМ се прекина и одложи откако раководствата на општинските организации побараа дополнително време за подготовка на Извештајот за парламентарните и претседателските избори. Ова барање на општинските организации било прифатено од страна на раководството на партијата. Конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за Извештајот за претседателските и парламентарните избори, а терминот дополнително ќе биде утврден. Во јавноста се споменува за „тивок бојкот“ на партиските делегати и нивно недоаѓање на Конгресот, но од партијата демантираат за такво нешто. Со свој став и кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски. Според него, станува збор за преседан, оти не се случило досега неодржување на конгрес во СДСМ. „ Сите оние кои се повикуваа на членството и на „базата“ добија шлаканица и јасна порака од тоа членство дека се незадоволни“, порача тој меѓу другото.
Дали внатрешната борба придонесе за вчерашните случувања?
Околу причините поразговаравме со дел од познавачите на состојбите. Аналитичарот Ненад Јовановиќ ја анализираше изјавата на лидерот на партијата во заминување Димитар Ковачевски, која, како што вели, гласеше нешто од прилика, „ние направивме извештај за поразот, а локалните партиски организации треба да се произнесат за таквиот извештај во септември“.
-Искрен да бидам, изјавата на Ковачевски ми призвуче како изјава која отвара простор за борба на претседателското место во СДСМ. Што значи дека „коцката е фрлена“ во борба за место на прв човек на cоцијалдемократите, оценува Јовановиќ во анализа за „Локално“.
За констатацијата на Деспотовски, Јовановиќ објаснува дека не следи историјати на партиски Конгреси и историјати на Централни или Олимписки комитети, туку само политики, феномени и појави.
На прашањето како треба да делува партијата, во контекст на потезите на ВМРО-ДПМНЕ и соработката со ДУИ, аналиитичарот оценува дека ВМРО-ДПМНЕ во основа е анти-институционална партија, без разлика што е дел од системот, таа партија делува и работи вон-институционално.
-Или што би се рекло пејоративно – „работи како ќе и се ќефне“. Што значи тоа? Тоа значи дека кога им одговара ќе опструираат, а кога ќе им одговара ќе прават дилови и коалиции за кои ќе имаат чиста и сувопарна политичка корист, тие на такви работи воопшто не се гадливи кога се работи за приграбување на моќта во сопствени раце. А тоа што огромна бројка на граѓани можеби ги гласале за нешто сосема друго, за тоа, тие не даваат пет пари. А ако ме прашате зошто тоа го прават, ќе ви кажам – од агол на логика на ВМРО-ДПМНЕ – тоа е партија на која својствено и е да ги растура институциите, така што растурањето на постоечкиот, паралелно гради нов, само за нив својствен систем, потенцира соговорникот.
Тврди дека СДСМ е најважна политичка партија во земјава и не е неважно кој ќе биде лидер на партијата.
-Вие многу добро знаете дека јас од поодамна го заговарам името Венко Филипче да биде нов претседател на партијата. И ќе гласам за него. Срдечно ќе препорачам на секој кој ме чита и секој што го уважува моето мислење, да го направи истото. Од проста причина што во оваа констелација е далеку најдобра личност кој би можел репрезентативно да ја претставува СДСМ, а со тоа и да генерира опозициона сила во земјава. Исто така сметам дека Филипче ќе ги застапува и вредностите во кои јас верувам. Во овој моменет не ми паѓа на памет, познавајќи го контекстот во кој се наоѓаме, колку тие вредности имаат упориште и тежина во денешната Македонија. И мислам дека немаат премногу. Би сакал да се изненадам пријатно, ама познавајќи ги околностите, тешко, многу тешко.
Јас мислам дека е време да се преброиме. На овие избори до толку сме разбиени така што мораме да имаме некаква основа на која ќе ја градиме таа демократска и просперитетна куќа. Нешто кое ќе продолжиме да го градиме и за во иднина. Разбиена е СДСМ, разбиено е граѓанското општество… И мора да имаме добри луѓе кои ќе може да градат една квалитетна и опозициона сцена во земјава. Дали Филипче ќе направи нешто големо и важно, јас апсолутно не знам. Дали ние кои го поддржуваме Филипче ќе направиме повторно нешто големо и важно, јас во овој момент апсолутно не знам. Ама знам дека без заобиколување со задоволство на Венко ќе му дадам глас за нов претседател на СДСМ, затоа што сметам дека тој човек во овој момент нам ни е најпотребен. И тогаш, откако ќе заврши гласањето, ќе се види многу добро кој е кој. Во таа смисла, јас го поддржувам Филипче како брилијантен хирург и хуманист, истакнува Јовановиќ.
Со свој став и универзитетската професорка Ана Чупеска. Смета дека има очигледни тензии во самата партија кои мора да се надминат брзо, наместо да се одолговлекуваат, од проста причина што во секоја демократија потребна е витална, а не импотентна опозиција.
-Штом еден од посериозните кандидати имал ваква квалификација за вчерашниот настан, тоа значи дека одложувањето е веројатно некоја посериозна внатрепартиска ситуација која не е за занемарување, но бидејќи тоа е внатрешно нивно прашање, мора да смогнат сили да го решат, вели Чупеска во изјава за „Локално“.
Според неа, од особена важност за секоја демократија и нејзино одржување е претходно витална опозиција.
-Во спротивно, феномоменолошки преку хомогенизацијата на власта, скоро секогаш се јавува тенденција кон авторитарен популизам и илиберализам. Затоа е важно да има силна и демократска опозиција, тврди професорката.
Пратеничката Сања Лукаревска денеска во дебатна емисија изјави дека заложбата на СДСМ по доаѓањето на власт беше непосреден контакт со граѓанството, но дека сепак биле направени грешки.
-Ние ја разбравме пораката, ние ја слушавме пораката. Несомнено е дека сите кои имале функција во СДСМ има соодветна грешка и во таа колективна одговорност сите сме по едно камче во таа одговорност. Но, не смееме да заборавиме дека функциониравме во кризно време. Правевме и многу отстапки за да функционира државата. СДСМ има таков касмет да владее во кризно време и да носи тешки одлуки за време на своето владеење и тоа се рефлектира врз гласачите и членовите доколку тоа добро не се објасни, а ние очигледно потфрливме во тоа да им објасниме на луѓето, вели Лукаревска.
Од СДСМ тврдат отчетниот конгрес не е поврзан со внатрепартиските избори за претседател на СДСМ. Нивното претставување во општинските организации ќе почне оваа недела и ќе трае до 28-ми јуни. Четворицата кандидати ќе одат заедно во осум региони каде што ќе ја претстават програмата пред членството.
На 6-ти јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ. Кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.
Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30-ти јуни.
Н.П.