Полицијата со детали за смртта на поранешниот пратеник Андонов

од Nikola Popovski
2,1K прегледи

Министерството за внатрешни работи излезе со детали за смртта на поранешниот пратеник од редовите на СДСМ, Миле Андонов. Според полицијата, тој загинал на лице место при пад од кровот на својата викендичка.

На 22.06.2024 во 18.13 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на планината Осогово, М.А.(61) од Кочани, додека работел на кровот од својата викенд куќа, паднал и починал на местото.

Лекар од Итна медицинска помош Кочани била констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани.

По повод трагичниот настан, се огласија и од неговата матична партија.

-Сочувство до семејството, роднините и пријателите на трагично починатиот Миле Андонов, наш почитуван другар и сопартиец.

Андонов даде значен придонес во развојот на Кочани, но и во политичко-економскиот живот во земјата, како пратеник во Собранието од редовите на СДСМ, но и како силен поддржувач на реформските процеси, на прогресивните, социјалдемократски политики. Нека почива во мир, порачаа од СДСМ.

Во три мандати, во периодот од 2008 до 2016 година, Андонов беше дел од пратеничката група на СДСМ, членуваше во Буџетскиот совет на Собранието, а се наоѓаше и во составот на комисиите за економски прашања и за финансирање и буџет. Исто така, беше дел од собраниските пратенички групи за соработка со парламентите на Белгија, Чешка и Шпанија.

Слични содржини