Министерството за внатрешни работи излезе со детални информации за спасувањето на 16-годишното девојче кое паднало во провалија кај Струмица.
-На 24.06.2024 околу 20.30 часот во СВР Струмица од страна на Центарот за управување со кризи било пријавено дека малолетничка од Струмица движејќи се на патека кон манастирот „Свети Илија“, во близина на Струмица, паднала во дупка и се здобила со повреди.
По примената пријава, од страна на полициски службеник е стапено во телефонски контакт со малолетничката, по што била утврдена и локацијата на која се наоѓа.
Од страна на полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Струмица веднаш било излезено на лице место и по кратко време девојчето било пронајдено, а во координација со пожарникари од ТППЕ Струмица била извлечена од местото и предадена на екипа на Медицински центар Струмица, соопштија од полицијата.
ЦУК информира дека повикот за спасување е добиен вечерва околу 20.30 часот на единствениот број 112 од мајката која јавила дека нејзината полнолетна ќерка е падната во дол во близина на манастирот Свети Илија над Струмица, дека има повреди на главата, но дека не ја знае точната локација.
Операторите ја смириле вознемирената мајка и ја посоветувале да ѝ јави на ќерката да се јави на бројот 112 со цел од ЦУК да се утврди нејзината точна локација. Ќерќата се јавила на 112, но иако самата не ја знаела локацијата, преку системот на 112 била лоцирана каде се наоѓа.