СДСМ: Во ЗНАМ има лажни патриоти, не нè плашат ќорците на Димитриевски и повиците за поделба на партијата

од Nikola Popovski
51 прегледи

СДСМ ги критикува вчерашните пораки од ЗНАМ и изјавите на лидерот на партијата, Максим Димитриевски околу евентуално напуштање на Владата. Според најголемата опозициска партија, „во ЗНАМ има лажни патриоти“.

Сметаат дека „вистинските социјалдемократи кои се борат со срце и со душа за остварување на социјалдемократските вредности нема никогаш да ги прифатат повиците за преминување во ЗНАМ“.

-Максим Димитривски за неколку фотељи и градоначачлничка функција стана слуга и продолжена рака на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски. Срамно и жално е да се гледаат поранешни генерални секретари на СДСМ како министри и послушници во Влада која ја водат луѓе што сакаа да ги убијат нивните довчерашни сопартијци. Срамно е за поранешни пратеници на СДСМ да бидат функционери во власта на Мицкоски. Од тоа вистинските членови на СДСМ се срамат и го осудуваат, порачуваат од „Бихаќка“.

Од партијата на Венко Филипче велат дека не се плашат од „ќорците на Максим Димитриевски и повиците за поделба на партијата“.

СДСМ, додаваат тие, е единствената вистинска опозиција која ќе се бори со сите сили за да се спречува штетните политики на владата на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот сателит ЗНАМ.

-Сега веќе работите се јасни, а тројанскиот коњ Димитриевски е откриен. Брзо ќе се соочи со реалноста и гневот кој го насобра од членовите на СДСМ. Димитриевски замолче како мало дете пред Касами, а неговите изблици на лажен патриотизам беа замолчани уште првата недела од неговото слугување на Мицкоски. Толку беше од чукањето во гради и лажните закани дека ќе ја напушти владата во обид да го намали срамот, се нагласува во соопштението на СДСМ.

Вратите на Движењето ЗНАМ за наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата, порача вчера портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов. Додаде дека отворена е поканата за прием на сите чесни членови на СДСМ.

Додаде дека ЗНАМ ќе биде гарантот дека никогаш повеќе нема да може некој да го уценува со непристојни предлози партнерот во владата, а коишто ќе одат на штета на македонските национални и државни интереси.

Од партијата на Димитриевски го коментираа и изборниот исход во редовите на социјалдемократите.

-Можеме да констатираме дека СДСМ ниту оддалеку не ја прими пораката од народот на последните избори и продолжува да биде партија која е узурпирана од една коруптивна група на луѓе кои ја држат партијата возаложништво исклучиво заради сопствената заштита од индициите за сторениот криминал во 7 годишното владеење, истакна Мемов.

Градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ пред два дена упати предупредување дека неговиот политички субјект ќе ја напушти владеачката гарнитура доколку се повтори ситуацијата од минатата недела, кога албанско знаме осамна во Владата на координацијата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити со министрите од коалицијата ВЛЕН.

-Ќе реагирам исто како што реагирав и кога новиот претседател на Собранието направи нешто слично. Ова е само тој „ДУИ-наратив“ кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување…Првично ние не го фативме тој момент од самиот старт, но првпат јавно кажувам дека доколку таквото однесување продолжи, нема да бидеме дел од Владата. Ќе излеземе од Владата, кажа Димитриевски во подкастот на ТВ Канал 5 – „На кавга со Иван“.

Слични содржини