Пратеничката и екс-министерка, Славјанка Петровска ја прокоментира информацијата од Владата дека е одлучено за враќање на железната ограда околу владината зграда. Петровска на социјалните мрежи објави:
-Тргна возот. Ја вратија оградата пред Влада, следно е името. Трпение, порача еден од кандидатите кои пред неколку дена беа во игра за нов претседател на СДСМ.
Вчера по владината седница беше објавено дека металната ограда повторно ќе биде поставена околу владината зграда во центарот на Скопје.
-Со оглед на тоа што досега објектот на Владата е опкружен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи СОЗР да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена. Истовремено директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка, соопштија од „Илинденска бр.2“.
Дваесет месеци откако го почна мандатот, тогашната Влада на екс-премиерот Зоран Заев го исполни ветувањето дека ќе ја отстрани оградата околу својата зграда, со образложение дека објектот треба да биде отворен за граѓаните. Се сруши само нејзиниот метален дел, а бетонските столбови останаа.
Тогаш Заев најави дека за отстранување на оградата нема да се трошат пари на граѓаните, туку ќе бидат искористени, како што рече, внатрешни ресурси, односно постојните капацитети на службите во рамките на Владата.
Оградата ја постави претходниот владин кабинет на екс-премиерот Никола Груевски и според информациите од медиумите од тој период, ја плати 700 илјади евра. Таа е дел од проектот „Скопје 2014“, заедно со реконструкцијата на фасадата на владиното седиште.
Поставувањето на метална ограда околу објектот на Владата предизвика бројни реакции во јавноста. Во тој период пред Владата се случуваа масовни протести, кои започнаа по објавување на прислушуваните разговори или т.н. „бомби“ објавени од тогашната опозиција.