Околу наводите дека во македонската владина делегација што отпатува за Вашингтон на НАТО Самитот немало албански претставник, на што реагираше опозициската ДУИ, се огласија од коалицијата ВЛЕН. Според нив, ДУИ се занимава со дистрибуција на лажни вести, додека претседателот на Собранието, Африм Гаши, како носител на највисоката државна функција во законодавната власт, има своја агенда во Вашингтон.
„Веќе ништо не зависи од нив, а уште помалку од тоа кој ќе патува во САД и со кого ќе се сретнат. Да имаа информации порано од нивните стратешки партнери, немаше да се посрамотат толку. Но, ова зборува за нивниот кредибилитет да зборуваат во име на Албанците. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, како носител на највисоката државна функција во законодавната власт, има сопствена агенда во Вашингтон, која се организира од денот на неговиот избор. Жалиме што ДУИ избра многу погрешни методи за да создаде незадоволство кај Албанците, но, знаеме зошто ги измислуваат овие приказни за, наводно, намалување на застапеноста на Албанците“, велат од ВЛЕН.
Опозициската партија ДУИ преку партиско соопштение изрази загриженост дека коалицијата ВЛЕН уништувала сѐ што е постигнато две децении по ред.
Партијата што ја води Али Ахмети забележува дека во делегацијата на државата, која отпатува на самитот на НАТО, немало место „ниту за ‘џентлменскиот’ вицепремиер, а камоли за некој министер“.
Македонската делегација ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, со кого се и министрите Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски и Панче Тошковски.