Љутков: Со регионална соработка против недозволената трговија со културни добра

од Nikola Popovski
31 прегледи

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска се обрати на настанот посветен на борбата против недозволената трговија со културното наследство во Западен Балкан, во организација на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција и на неговата канцеларија „Антена“ во Сараево.

– Недозволената трговија со културни добра е глобален проблем кој бара глобален одговор, но, исто така, бара и силна регионална соработка, особено во Западен Балкан, каде што културното наследство е богато и разновидно. Затоа, неопходно е сите земји од регионот заеднички, со сите расположливи капацитети да се обединиме и да соработуваме во активностите за спротивставување и враќање на украдените и нелегално изнесени предмети – рече министерот Љутков на работилницата која започна во Музејот на македонската борба.

Во своето обраќање пред присутните претставници од УНЕСКО, професори, експерти и предавачи од меѓународни и од домашни организации и институции, министерот Љутков потенцираше дека за Владата и за него како министер за култура и туризам заштитата и зачувувањето на културните добра на нашата земја се врвен приоритет.

Во тој контекст, тој потсети на соработката со Р Албанија кога благодарение на професионалниот и координиран пристап на двете држави успешно беше реализирано враќањето на 20 незаконски изнесени икони од македонските цркви и манастири, кои по децениското патешествие се вратени таму каде што припаѓаат.

– Ова е одлична можност да се разговара за различните аспекти на борбата против недозволената трговија со културното наследство, да се разгледаат правните рамки и регулативи што ги имаат нашите земји, да се разменат искуства и најдобри практики, со акцент на важноста на меѓународната соработка, на улогата на технологијата, како и на подигнувањето на јавната свест за вредноста на културното наследство и за штетата што ја предизвикува недозволената трговија – рече Љутков.

Свесни сме, додаде тој, дека треба уште многу да се работи на зајакнувањето на законодавната рамка и на поефективна координација меѓу државните институции, локалните заедници и меѓународните партнери, како и на подобри алатки за идентификација, следење и враќање на културните добра.

Министерот Љуткав изрази убедување дека само на тој начин може да се заштити и да се зачува културното наследство за идните генерации.

Присутните ги поздравија и Синиша Шешум и Матео Росати од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа.

Шешум порача дека само со структурна и трајна соработка во борбата против нелегалната трговија со културни добра се спречуваат криминалните активности не само врз културното наследство туку и врз идентитетите на заедниците и државите во целина.

Според Росети, пак, настанот може да послужи и како платформа за зацврстување на дијалогот и на соработката во Европа и е одлична можност заедно да учиме и да работиме за да станеме подобри чувари на нашето културно наследство.

Слични содржини