Се што зборуваа падна во вода, кажа пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска откако новата Влада најави дека нема да го раскине Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10Д.
-Ако тоа било исторски криминал за кој обвинуваше ДПМНЕ и според нив се работело нелегитимно, како тоа истиот Договор го реализираат? праша пратеничката, гостувајќи во емисијата „24 анализа“. Лукаревска додаде и тогашната опозиција обвинуваше дека Договорот е штетен, а се држеа и пресови и се крена голема прашина.
Лукаревска се осврна и на Преспанскиот договор, за кој рече дека благодарение на одлуките на СДСМ, денес Македонија е рамноправна членка на НАТО алијансата.
-Благодарение на тој Преспански договор, во Вашингтон е сегашниот премиер и Владата како дел од НАТО самитот. А целата кампања на ДПМНЕ се движеше во делот на преговарачката рамка и Преспанскот договор и ветуваа на граѓаните дека ќе ги менуваат. Денеска велат дека Преспанскиот договор е нашата реалност. СДСМ носеше државнички одлуки и ова е потврда за исправноста на тие одлуки, рече пратеничката Лукаревска.
Дел од капиталните инфраструктурни проекти, автопатиштата и железничката пруга никако да се реализираат. Во ресорот транспорт дојде нов министер, со ново ветување дека коридорите ќе се изградат.
Според министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, Договорот со „Бехтел и Енка“ не би требало да е државна тајна, но сите нерегуларности ќе ги истражуваат институциите. А, она што преостанува е да се добијат што повеќе километри за да не пропаднат во вода 240 милини евра. Тој вчера порача дека раскинувањето би било недомаќинскин однос кон буџетот, бидејќи изведувачот може да тужи.
-Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат, рече Николоски.