СДСМ тврди дека Мицкоски ја крие средбата со Главчев: „Дали ги поставил барањата за промена на Преговарачката рамка?“

од Nikola Popovski
113 прегледи

СДСМ излезе со соопштение обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека ја крие средбата со неговиот бугарски колега Димитар Главчев. Од опозициската партија поставија неколку прашања:

-Дали Мицкоски го крие разговорот и се срами да соопшти како поминале неговите барања? Дали воопшто ги поставил барањата за промена на преговарачката рамка? Дали било што од ветувањата кои ги даде пред граѓаните во кампањата го покренал како прашање? Или повторно, по веќе не знаеме кој пат од преземањето на власта, си ја подвиткал опашката?, стои во партиското соопштение.

Според партијата од „Бихаќка“, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ требаше да го искористат самитот за зајакнување на македонските позиции во однос на Бугарија и Грција, но и други важни средби.

-Засега се што добивме се многу насмеани селфи фотографии од министрите, една веќе постоечка инвестиција и никаков успех на дипломатски план, наведуваат од партијата на Венко Филипче.

Засега од Владата нема детали за средбата меѓу Мицкоски и Главчев. Премиерот во соопштение објавено денеска ги издвои разговорите што ги имал со дел од официјалните лица на Самитот во САД.

-Денеска разговаравме со црногорскиот премиер, зборувавме со хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, нормално тука би ги издвои и состаноците и средбите со италијанската премиерка Мелони, со шпанскиот премиер Санчез кој што беше заедно со мене, би рекол до мене на вечерата која што ја организираше претседателот на САД Бајден, неговата сопруга Џил Бајден. Од она кое што исто така може да го издвојам се средбите со соседите, бугарскиот и албанскиот премиер, истакна меѓу другото Мицкоски.

Бугарските медиуми објавија дека тамошниот технички премиер во Вашингтон најмногу разговарал со македонскиот колега Мицкоски.

-На ист став сме дека треба да се намали тензијата и да се нормализираат билатералните односи. Земјите кандидати за членство во Европската Унија мора да ги почитуваат барањата, рекол Главчев.

Според бугарскиот премиер, односите меѓу двете земји треба да се нормализираат и да се вратат во текот на 2017 година кога беше потпишан договорот за добрососедство, пренесуваат бугарските медиуми.

Слични содржини