Денеска (17.07.2024), министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаше работни средби со амбасадорот на Италијанската република, Н.Е. Андреа Силвестри и амбасадорката на Република Србија, Н.Е. Невена Јовановиќ.
На средбите министерот Тошковски ги претставил приоритетите и програмските цели на новата Влада, како и приоритетите дефинирани во Министерството за внатрешни работи.
-На прво место бескомпромисната борба со организираниот криминал и корупција, планот за реорганизација на управните служби како успешен услужен систем за граѓаните, новата систематизација на работните места која ќе продуцира зголемена ефикасност, посветеноста за имплементација на системот на континуирани обуки, дигитализација на процесите во министерството како за граѓаните така и за вработените, соопштија од МВР.
-На средбата со италијанскиот амбасадор, од страна на министерот беше побарано, доколку дојде до таква потреба, и Италијанската република да ни даде поддршка во гасењето на пожарите кои ја зафатија нашата држава, на што од нивна страна беше изразена подготвеност да ја разгледаат можноста за поддршка. Амбасадорот Силвестри ја истакна исклучително добрата соработка со министерството и нашата земја, при што го посочи претстојниот твининг проект за зајакнување на институционалните капацитети во справувањето со криминал против културно наследство и еколошки криминал, во кој заеднички ќе учествуваат македонската полиција и италијанските карабињери. Тој ја изрази својата поддршка во напорите на Македонија за консолидација на правната држава како еден од главните чекори во нашиот евроинтегративен процес, додаваат од полицијата.
Министерот Тошковски на амбасадорката Јовановиќ и изразил голема благодарност за испраќањето на големиот хеликоптер за гасење пожари, со што уште еднаш Србија го демонстрира пријателството меѓу двете земји.
Амбасадорката ја изразила подготвеноста помошта и поддршката да продолжи се додека тоа е потребно и изрази уверување дека и целиот регион на Западен Балкан ќе продолжи да ја унапредува меѓусебната поддршка како регион.