СДСМ бара од ДКСК и Обвинителството да го истражат случајот со Јанушев и подарокот од 325.000 евра

од Nikola Popovski
161 прегледи

СДСМ бара од ДКСК и Јавното обвинителство да го истражат случајот со подарокот што генсекот на Владата, Игор Јанушев го добил во вид на градежно земјиште. Најголемата опозициска партија го обвинува членот на ВМРО-ДПМНЕ дека е, како што велат, еклатантен пример на вечен криминалец во политиката.

-Човекот кој беше осуден за 5 милионски криминал во ЈСП,  денес е прв човек во Владата после Мицкоски. И што може да се очекува од осуден криминалец освен да продолжи онаму каде што застанал. Граѓаните се во шок и неверување од последната информација која ја споделија медимите, а тоа е дека Јанушев, замислете, добил на поклон градежно земјиште во сред Центар во вредност до 325.000 евра. Вакво перверзно легализирање на криминално стекнати пари досега не е забележано во македонската политика. Ова е за златен медал, рече Менде Илиевски, советник на СДСМ во Советот на Општина Битола.

Јанушев пријавил дека во 2023 година врз основа на договор за подарок се стекнал со градежно земјиште од 165 м2 во општина Центар. Според најновиот анкетен лист за имотната состојба, доставен до ДКСК, вредноста на земјиштето е 20 милиони денари или 325 илјади евра и е наменето како А2-2 станбено-деловна зграда.

Поранешниот пратеник и екс-директор на ЈСП, Скопје, Јанушев на крајот од минатата година купил возило lexus во вредност од 15.000 евра со датум на производство во 2013 година. Владиниот секретар пријавил и една трансакциска сметка и две кредитни картички.

Во септември минатата година беше неправосилно осуден на две години затвор за случајот „Дизајн“ кој се однесува на набавката на кинеските автобуси за јавниот превоз во Скопје во 2010 година. Изрекувањето на пресудата падна во сенка на измените на Кривичниот законик. Повисокиот апелациски суд ја поништи првостепената пресуда, што автоматски значеше и политичка рехабилитација на Јанушев.

Слични содржини