20.000 евра ги чини граѓаните удобното патување на Мицкоски и министрите во Вашингтон, обвинуваат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
108 прегледи

СДСМ денеска излезе со информации околу патувањето на владината делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон. Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска речиси 20.000 евра чинеле картите за бизнис класа.

-Според нашите информации, За Христијан Мицкоски извршена е нарачка на бизнис карта, цена на повратен билет 237.072 денари или 4000 евра. Да биде скандалот поголем, тоа не е најсакапта карта која е платена за ова патување. Па така, картата на министерот за одбрана Владо Мисајловски е платена дури 280.000 денари, а останатите две карти, на Панче Тошковски и Тимчо Муцунски, се платени околу 4500 евра секоја.

Речиси 20.000 евра ги чини граѓаните само удобното патување на Мицкоски и министрите за Вашингтон! Ова ли е тоа душманско трошење на буџетот за кое секој ден беседи Мицкоски? Има ли образ да излезе и да ги оправда овие суми, додека зборува за домаќинско работење, праша Кузеска на прес-конференција од седиштето на „Бихаќка“.

Портпаролката на СДСМ исто така праша колку пари се потрошени по хотели и други трошоци на државна сметка. Таа побара да се произнесат и од ОЈО и ДКСК за сите наводи во изминатиот период.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Татјана Димитровска изјави дека по допрен глас оформиле предмет во однос на патувањето на синот на премиерот во Вашингтон на Самитот на НАТО и испратиле допис до Генералниот секретаријат на Владата со барање да им биде доставена целокупната документација.

Димитровска потенцира дека засега немаат политички притисок ниту од која било политичка партија од позиција или од опозиција, и нема да дозволат притисок од која било структура на моќ – политичка, бизнис, медиуми, јавност и дека ќе си го сочуваат интегритетот и ќе работат независно.

Фотографијата на која се гледа дека со Мицкоски е и неговиот син ја објавија од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ на социјалната мрежа Икс каде се вели оти македонскиот премиер, пред Самитот на НАТО, ја посетил Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот.

Фотографијата предизвика жестоки реакции во јавноста, по што ВМРО-ДПМНЕ, но и од Министерството за надворешни работи, засебно тврдеа дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на премиерот.

„Би сакале да ја информираме јавноста, дека делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако Претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството“, соопшти МНР.

Лани во мај, тогашниот премиер Димитар Ковачевски од СДСМ на официјалната посетата во Вашингтон и Њујорк беше во придружба на сопругата и ќерката и синот, а по враќањето на прес-конференција на новинарско прашање одговори дека трошоците за патувањето на неговите деца не се на товар на државниот буџет.

Слични содржини