Премиерот смета дека СДСМ се претвори во маалска група што смислува тези откако беше прозван за заемот од Унгарија

од Nikola Popovski
157 прегледи

„Економските лекции од СДСМ ги видовме во претходните седум години. Очекувам да бидат малку позрели и самокритични во изјавите – тоа е добро и здраво како конструктивна опозиција. Жалам што се претворија во маалска група која што на дневна основа смислува тези кои ниту жив, ниту тие самите не ги разбираат кога кажуваат“. Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски по искажаните сомнежи од СДСМ за кредитот од Унгарија во вредност од 500 милиони евра.

И додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека владиниот старт бил лош и државата со новите заеми може да влезе во должничко ропство, Мицкоски вели дека погубните политики на СДСМ ја донесоа државата до празна каса.

Премиерот појасни дека компаниите нема да добијат само 250 милиони евра поддршка обезбедени од Унгарија, туку целта е да се креира еден систем кој ќе функционира не од денес за утре, туку и во иднина, како и тоа дека компаниите нема да се делат, туку пари ќе добијат сите кои исполнуваат услови.

Според лидерот на СДСМ, нешто се крие позади заемот од Унгарија и прашува кое е потеклото на парите. Ќе бара законското решение за кредитот што поскоро да се достави во Собранието пред пратениците.

-Што толку ќе правиме со толкаво задолжување? Дали огромните камати кои што треба да се враќаат, нема да го ограничат фискалниот простор? Зошто една земја која се задолжува од друго место, се задолжува со голема каматна стапка, а нас ни дава со помала? Инсистираме што поскоро Владата да го даде законот до Парламентот. Дали можеби зад тоа се крие некоја друга тенденција, дали можеби има идеја од некои компании од Унгарија, тука да се преземаат медиуми или компании, дали е дел од некаков договор? Гледаме некакво сојузништво со Орбан, за кое не знаеме каква перспектива има, рече Филипче.

Владата вчера го задолжи Министерството за финансии да изготви Закон за заемот од половина милијарда што го добивме од премиерот на унгарската влада, Виктор Орбан.

-Со законот ќе се регулира специјалната финансиска соработка со Унгарија за обезбедување на 500 милиони евра кој ќе бидат наменети за капитални проекти во општините и домашното стопанство, соопштија вчера од прес-службата на Владата по одржаната редовна седница.

Условите за користење на овие пари се 3,25 проценти годишна камата, тригодишен грејс период и 12 години отплата на кредитот исти како што државата е обврзана пред унгарската банка.

Најавените 250 милиони евра од унгарскиот кредит ќе одат за бизнисот, но преку Банката за развој. Локалните самоуправи ќе може да конкурираат со проекти, а парите ќе им бидат трансферирани на наменски сметки.

Слични содржини