Најавата на Владата дека за 50 % ќе се намали данокот на добивка, не ги остави рамнодушни стопанствениците. Дел од нив сметаат дека доколку ваквата мерка се изгласа, тогаш ќе донесе неколку позитивни и негативни аспекти кои краткорочно и долгорочно би можеле да влијаат на економијата.
Намалувањето на данокот има потенцијал за економски придобивки, но содржи и ризици кои треба внимателно да се разгледаат како ќе влијаат на локалната економија, образованието, конкурентноста на работната сила, ризик од даночна евазија, како ќе влијае на развојот на инфраструктурата и др, вели во изјава за „Локално“, Горан Антевски од Кончар-ТЕП.
„Позитивните аспекти би биле подолгорочни и тоа: привлекување на инвестиции од мултинационални компании , потенцијално зголемување на работни места и личните примања на работниците како и поддршка на локалните компании кои би имале корист од новите деловни можности за соработка. Негативните влијанија се на краток рок и тоа губење на даночните јавни приходи што би имало негативни последици на јавните услуги и инфраструктурата, нееднаквата конкуренција на пазарот со локалните компании кои не се во можност да ја консолидираат својата добивка и долгорочната зависност од странските директни инвестиции што може да биде ризик кога овие компании ќе одлучат да се преселат во друга земја со поповолни даночни услови на долг рок“, вели Антевски.
За Џемаил Даути од компанијата „Даути -Комерц“ можното намалување на данокот на добивка нема да влијае на домашните компании бидејќи ќе се однесува на фирми кои веќе инвестирале или би инвестирале во земјава и не претставуваат никаква конкуренција за домашните компании и домашниот пазар.
-Намалувањето на данокот на добивката не треба да се мисли дека ќе има големи ефекти врз домашната економија или дека ќе има финансиски реперкусии врз полнењето на буџетот, туку треба да претставува еден вид стимул за компаниите да се поттикнат добивката што ја прават во Македонија да ја инвестираат во Македонија, и тоа воопшто не е лошо. За да има брз економски раст и развој, треба слободен проток на стоки и услуги, слободен пазар, но најмногу од се спроведување на правна држава. Потребно е да се усогласат царинските и даночните стапки со регионот бидејки во моментов има многу тарифни бариери за увоз и извоз на стоки. Од друга страна во УЈП има 200 мил. евра неплатени даноци и др. обврски на правни и физички лица и никој не направи нешто за да се наплатат овие пари. Реформите се болни и бараат смелост и Владата да најде начин да си ги наплати средствата од должниците а не со години да им се прогледува низ прсти на бројни фирми. Треба некои фирми да се затворат, да банкротираат или одат под стечај, да се формираат нови, а државата и доверителите да си ги наплатат средствата. Се дури не се спроведуваат законите, проблемите ќе се решаваат исклучиво политички и за партиски интереси, вели Даути за „Локално“.
Во насока на дообјаснување на намерата да се намалат даноците, министерката за финансии Димитриеска-Кочоска рече дека целта на намалување на данокот на добивката не е да се намалат даноците за постоечките фирми туку да се привлечат нови големи мултинационални компании да регистрираат фирми во Македонија.
„Оставете ги банките на страна, ниедна компанија во Македонија во моментов не заработува 50 милиони евра годишно“, рече таа по најавите на премиерот Мицкоски дека се планира намалување на данокот на добивка за фирмите кои заработуваат над 50 милиони евра годишно од 10 на 5 проценти.
За разлика од странските инвестиции кои работат во технолошко-индустриските развојни зони и кои 10 години се ослободени од данок на добивка, фирмите за кои се планира намалување на данокот, не мора да имаат производство во земјава, туку само да бидат регистрирани во Македонија.
К.В.С.