Златните кошаркари на прием кај Мицкоски и Ристовски

од Nikola Popovski
101 прегледи

Сергеј Младеновски, Никола Јаничиќ, Сергеј Петровиќ, Ристе Букршлиев, Дарјан Димовски, Атанасиј Трајанов, Лука Марјановиќ, Коста Ќириловски, Бојан Димитриев, Давид Петрушевски, Марко Луканоски и Стефан Стојковиќ се имињата на дванаесетте кошаркари кои вчера, 4. август, ги освоија златните медали на Европското првенство за кошаркари до 18 години, дивизија Б. Кошаркарите, поддржани од клупата од селекторот Горан Андреевски, неговите стручни соработници Никола Димитриевски и Един Имер како и тренерот за физичка подготовка, Трајче Стојанов и медицинскиот двоец – Дарко Гогов (доктор) и Крсте Гелејчевски (физиотерапевт) запишаа осум победи од исто толку вкупен број на натпревари.

Репрезентацијата, заедно со раководството на Кошаркарската Федерација денеска беше на прием кај Претседателот на Владата на Републиката, господинот Христијан Мицкоски, кој заедно со Министерот за спорт, Борко Ристовски, упати пофални зборови за целокупната работа и успех.

-Денес ја имав честа да ги примам нашите млади херои кои донесоа злато. 8:0 на Европскиот шампионат во кошарка за возраст до 18 години, Б дивизија и златен медал. Македонија е горда на нивниот успех. Дело кое треба да се следи, истакна премиерот по средбата.

Министерот за спорт исто така не ги штедеше пофалбите за младите кошаркари.

-На мое големо задоволство гости во владата беа нашите херои кои донесоа злато. Наша обврска е да нивниот успех го следиме и создадеме услови за уште поголеми победи. Победи кои ќе значат промоција на Македонија и создавање на нови идоли во кошарката! Честитки момци! Македонија се гордее со вас! – напиша министерот за спорт по приемот на својот официјален профил на социјалните мрежи.

Слични содржини