Дали СДСМ и ДУИ заедно го спремаат планот за дестабилизација од есенва, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
61 прегледи

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ ги прашува СДСМ и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација на земјата и што е целта. Од „Белата палата“ прашуваат дали двете опозициски партии заедно го спремаат планот од есенва.

-Филипче потрча со статус на фејсбук да си ја тргне мувата од копата, но џабе, и малите деца знаат дека СДС е помалиот брат на ДУИ. Сите криминали кои ги правеше ДУИ нема да беа возможни без СДС. СДС да кажат што планираат со ДУИ и дали целта е да се заштитат од одговорност за сторените криминали и ограбената држава? И СДС и ДУИ треба да знаат дека насилство и безредие нема да им помогне, напротив и за тоа ќе треба да одговараат и да се соочат со последиците на сопствените дејствија, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.

Премиерот вчера рече дека се очекува дестабилизација на државата од страна на ДУИ, која, според него, се обидува да го заштити капиталот стекнат во овие 22 години.

„Имаме информации со кои што располагаме и кои што се добиени по повеќе канали дека раководството на ДУИ во обид да го заштити капиталот, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Како Влада имаме целосно право да го заштитиме територијалниот интегритет и суверенитет и мирот на граѓаните, што е цел на една држава. Според информациите, очекуваме ова да се случи есенва, врз основа на добиените информации. Да почекаме времето да покаже дали информации ќе се потврдат или не“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

По изјавите на премиерот, реагираа од ДУИ. Од партијата велат дека ќе ги преземат сите демократски мерки за да го спречат понижувањето на Албанците преку наметнување на вазали. ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата.

„Без да ги коментираме политичките спинови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во земјава“, велат од ДУИ.

Експертите сметаат дека ДУИ не се среќни во опозиција и не се исклучува можноста да направат радикални чекори. Може да се направи контролирана дестабилизација, но доколку се случи тоа може и трета страна да го искористи тоа.

Слични содржини