Косовската полиција затвори филијали на „Пошта Србија“: „Политичкиот Запад го тапка Курти по рамо оти имаат сериозни превирања и настаните на Балканот се целосно споредни за нив“

од Nikola Popovski
340 прегледи

Коментирајќи го упадот во просториите на „Пошта Србија“ на северот на Косово и затворањето на девет филијали, српските аналитичари посочуваат дека се работи за форма на одмазда кон меѓународната заедница поради ставот на Квинта дека мостот на Ибар се уште не треба да се отвори за употреба. Програмската менаџерка на НВО „Društvena inicijativa“ и познавачка на состојбите, Милица Андриќ-Ракиќ, во разговор за „Локално“ оценува дека за Владата на Албин Курти, особено во контекст на претстојните избори, на симболичен план е многу важно да се отвори мостот за сообраќај, а одбивањето на меѓународната заедница да го поддржи е удар што Курти веројатно го сфатил многу лично.

-Факт е дека неговата влада нема економски или инфраструктурни резултати и менувањето на реалноста на северот е единственото нешто на кое може да ја заснова својата кампања, децидна е Андриќ-Ракиќ.

Милица Андриќ-Ракиќ

Според неа, тврдењата за премолчено одобрување за затворењето на „Пошта Србија“ од страна на ЕУ, се еуфемизми за целосно губење на политичката важност на ЕУ, а делумно и на САД во Косово.

-Тоа е слично како кога граѓани од српска националност го обвинуваат Белград дека тајно се согласува со сите настани на северот на Косово, вклучително и затворањето на институциите. Вистината е дека во сегашните геополитички околности, рацете на Белград се врзани, а ЕУ и САД се немоќни да влијаат врз Владата на Косово, тврди соговорничката.

Андриќ Ракиќ потенцира дека самите САД, а особено ЕУ, се само соочени со фактот дека нивното влијание слабее во светот, вклучително и во регионот на Западен Балкан и не е за очекување дека пристапот на САД ќе се рекалибрира до воспоставувањето на нова администрација.

-Што се однесува до ЕУ, проблемот со слабеењето на влијанието на ЕУ е уште подлабок и покомплициран бидејќи таа е унија од 27 земји и мислам дека нема да се реши со новата Комисија. ЕУ може да има влијание врз Србија, чиј главен економски партнер е, додека во Косово, каде економијата речиси и да не се зголеми од повоениот период, влијанието на овој првенствено економски совет може само да продолжи да слабее, анализира познавачката на состојбите.

Жељко Ињац

За разлика од неа, српскиот политички аналитичар Жељко Ињац тврди дека Курти се што прави како политичар е заради гласовите на претстојните избори, но суштината е дека тој всушност сака да ја заокружи државноста на Косово и да ги затвори сите српски институции и да ги донесе Србите во безизлезна ситуација.

Во краток разговор за „Локално“ посочува дека политичкиот Запад речиси никогаш не реагира на репресиите што властите на Курти ги спроведуваат врз Србите, а дури и кога реагираат, тоа, според него, е млако и изгледа речиси како тапкање по рамо на Курти за да го продолжи она што го започнал.

Во неколку наврати видовме потези на косовскиот премиер кои се против дијалогот од Брисел, но и против желбите на ЕУ и САД. На прашањето до кога Западот ќе има трпение за ваквото однесување на Курти, Ињац наведува дека воопшто не се работи за трпение, туку за незаинтересираност.

-Политичкиот Запад е во сериозни превирања, па настаните на Балканот се целосно споредни за него. Се што прави Брисел во моментов е буквално поништување на претходно договореното. Курти добро го користи тоа, заклучува српскиот аналитичар.

Портпаролот на Европската унија, Петер Стано повтори дека едностраните потези на Владата на Косово, како што е затворањето на филијалите на „Пошта Србија“, водат кон натамошна ескалација и дека Приштина треба да ја преиспита оваа одлука.

„Србија и Косово имаат договор постигнат во 2013 година за телекомуникациите, во кој е наведено дека во подоцнежна фаза ќе се разговара за поштенските услуги, што подразбира дека ова прашање се решава со дијалог. Владата на Косово, за жал, вчера апсолутно не ја координираше акцијата“, изјави денеска Стано во обраќањето пред медиумите и оцени дека потегот на Косово претставува кршење на договорот и е против дијалогот.

„Пошта Србија“ денеска објави дека косовската полиција на административниот премин Јариње запрела нивно комбе со писма, кое сообраќа на редовната линија Рашка – Грачаница.

Како што наведуваат, запирањето на комбиња и приватни пратки за жителите на Косово и Метохија следи по вчерашната рација на девет подружници во четири општини на северот на Косово, кои од вчера се затворени, а документите одземени, додека директорот а менаџерите биле однесени на информативен разговор.

„Последната акција на косовската полиција ја влошува состојбата и ја зголемува загриженоста кај српското население, затоа укажуваме на итноста за решавање и смирување на тензиите, суспендирање на сите дејствија кои се против претходно постигнатите договори и овозможување непречено функционирање на поштенскиот сообраќај во северот на Косово и Метохија“, велат од „Пошта Србија“.

Н.П.

Слични содржини