Дестабилизација или „дување балони“: „ВМРО-ДПМНЕ му прави услуга на коалицискиот партнер со негување поделба кај Албанците на добрите ВЛЕН и лошите ДУИ, како кај Македонците со патриоти и предавници“

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Силни реакции предизвика предупредувањето на премиерот Христијан Мицкоски за можна дестабилизација на државата од страна на ДУИ. Порача дека има информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на партијата од Мала Речица во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање. Според тие информации, премиерот рече дека очекуваат тоа да се случи оваа есен.

Дел од јавноста смета дека Македонија има институции подготвени да сузбијат непосакувани дејствија и дека премиерот со ова само испраќа политичка порака. Аналитичарката и поранешната пратеничка, Никица Корубин смета дека во голема мерка зависи од тоа што се подразбира под дестабилизација и зошто тајмингот би бил после летните одмори.

Никица Корубин

-Ако на пример, за нивното поимање на дестабилизација, не е проблематизирањето на меѓународните и внатрешните договори, (само)блокираните европски интеграции, одбивањето на стратешките коридори во услови на меѓународни конфликти, нарушени меѓусоседски односи; тогаш голема дилема е што се подразбира под терминот дестабилизација? Одговор на оваа дилема мора да ја дадат сите надлежни институции кои располагаат со информации, за кои верувам дека се известени и од самиот премиер, пред тој да ја извести и предупреди јавноста, вели Корубин во разговор за „Локално“.

Околу размислувањето кај дел од експертите дали ова е само алиби за лошиот старт на новата влада, соговорничката посочува дека параметрите по кои ја оценуваме владата, се оние кои тие самите ги поставиле како приоритети. Еден од главните приоритети е европската интеграција, кој е и главен услов на коалицијата ВЛЕН да биде дел од владата, а тоа всушност значи брзи уставни измени.

-Дали е добар или лош стартот, по ова прашање, оценете сами. Потоа, приоритет е борбата против корупцијата и владеењето на правото, за кое имавме и имаме голема поддршка и од стратешките партнери, САД и ЕУ, преку механизмите на т.н “црните листи” за високата корупција. Законот за рестриктивни мерки е веќе подготвен. Уште еден параметар за оценување на старот на новата влада. Економски просперитет на државата, е исто така приоритет, во услови на речиси целосна ориентација на нашата економија кон европските и американските пазари. Добар ли е стартот на владата и по ова прашање? Управувањето со државата е прашање на факти и реална политика, а не на перцепција. Во таа смисла, не постои доволно добро алиби за реалното постапување, наведува Корубин.

Според неа, приказната за „лошата ДУИ“, започна многу пред ВМРО-ДПМНЕ да инсистираше „ДУИ да оди во опозиција“. Вели дека приказната ја започна СДСМ на парламентарните избори во 2020 година, кога го праќаше ДУИ во опозиција „за да се реформира“.

-Парадоксално, сега тие самите ќе имаат можност да му демонстрираат на ДУИ, како изгледа реформирање во опозиција. Кое претпоставувам исто и ВМРО-ДПМНЕ има можност, да му покаже на ДУИ како изгледа реформирана партија после неколку години во опозиција. Иронично е да велиме дека ДУИ е инфилтриран во институциите, повеќе од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, во одамна потврдената „заробена држава“, од страна на експертската група на ЕУ под водство на Прибе. Па, никој никогаш не рекол дека СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, по таа основа може да ја дестабилизираат државата. Кој е „гревот“ на ДУИ што успева така добро да ги обедини спротивставените СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, прашува екс-пратеничката и додава:

-Се надевам дека не е новоразбудената и хранета албанофобија, и верувам дека не е нивното (декларативно) инсистирање на европската и евроатлантската агенда. За се’ друго времето ќе го даде одговорот. Септември не е далеку, и искрено се надевам дека е добар месец за деблокирање на европскиот пат. За вистинско национално единство, Северна Македонија во ЕУ, оценува Корубин.

Со сличен став е и новинарот и аналитичар, Зоран Иванов. Смета дека доколку власта имаше еден доказ за дестабилизација, „ќе ечеше и Калето“. Вели дека „можно е да имаат некаква информација за некакви маалски вечерни летни „игранки“ каде се истураат фрустрациите на фановите на ДУИ што конечно не се во власта. Се друго е дување балони“.

Зоран Иванов

-Како ја замислуваат дестабилизацијата, со калашникови и митралези на тетовското кале или како. Факт е дека ДУИ е во големи неочекувани проблеми. Многу негови кадри трпат смени, остануваат и без пари, без службени привилегии и без моќ. На крупно нема веќе министерски ресори, нема тендери и секакви други привилегии. Тоа е, ќе им помине. Другово од страна на ВМРО-ДПМНЕ е реторика предизборна но со некои нови додатоци од типот „ДУИ ќе прави дестабилизација затоа што сака да си го заштити капиталот што го создаваше 20, 22 години додека беше на власт“, посочува Иванов во разговор за „Локално“.

Според него, „искажаната мисла зборува за една премиерска безидејност од која ништо не може да се очекува во смисла на реформи, ЕУ интеграции, борба со корупција, и сл.

-Практично, ќе си земам за слобода да кажам, излегува дека таа негова реченица упатува дека и тој власта ја разбира како поле за стекнување капитал. Мислам дека власта, конкретно ВМРО-ДПМНЕ, наспротив крупните предизборните ветувања за радикални промени, сега се во некаков благ шок, во лет, даваат гас но не се движат и дека од ден на ден сфаќаат дека од ветеното не ќе можат да испорачаат речиси ништо. Буџетот е на стаклени нозе, со минуси, клучните државни претпријатија се гушат во превработеност, неефикасни се и во финансиски колапс, економијата не е во состојба да испорача доволно пари за државата. Затоа вакви теми на сеење страв и магла мислат уште се коњуктурни. Барам мислам дека така процениле во партијата, анализира Иванов.

Мислат дека му прават услуга на ВРЕДИ, додава соговорникот, дека суптилно негуваат поделба кај Албанците на добрите во ВЛЕН и на лошите во ДУИ, „нешто како кај Македонците и слични дребулии со патриоти и предавници“.

-За капиталот стекнат во изминативе 22 години, па супер, на власт се, ги имаат сите истражни инструменти, нека почнат постапки и конечно во државава да го видиме и тоа чудо да се врати украденото, а крадците да си заминат каде што им е местото. Но, се` е блеф, а блефови и финти како онаа на самиот почеток на нивниот мандат со Северна, топрва ќе се изнаслушаме и изнагледаме, дециден е Иванов.

Што се однесува до ДУИ, наведува новинарот, мислам упорно ќе работат на терен до локалните, па ако изборно ги „смачкаат“ ВЛЕН, тогаш ќе се други околности.

-Дотогаш е можна политичка дестабилизација доклку има проблеми внатре во трипартитната коалиција, всушност ВЛЕМ составена од четири партиски субјекти, политички е многу ранлива, но и тоа ќе се други околности. Впрочем, практично околу „дестабилизацијата“, Претседателката еве, со не свикување на Совет за безбедност и со не изнесување и нејзин став за така драматични најави од страна на премиер на држава, ги игнорира блефовите и го демантира премиерот, тврди Иванов.

И министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски тврди дека ДУИ наесен може да преземе чекори за дестабилизација на државата, како што претходно рече премиерот. На новинарско прашање дали може да открие повеќе детали за тоа што се подготвува, дали станува збор за истите структури за кои премиерот посочува уште во предизборието дека циркулираат во неколку скопски општини, министерот посочи дека е тешко за некој што бил 20 години на власт да прифати да биде опозиција, особено ако зад себе има огромни индиции, што секојдневно стигаат до институциите, во насока на сторен криминал.

Со куса реакција и од Кабинетот на претседателката на Гордана Сиљановска-Давкова. Не е во план да се свика Советот за безбедност по пораките на премиерот.

-Мицкоски молчи на повиците на СДСМ и претседателот Филипче да ги објави наводните информации за дестабилизација на државата од страна на политичка партија. Доколку Мицкоски вистински поседува информации тој е должен итно да ги информира институциите, велат во опозициската СДСМ.

Во ВМРО-ДПМНЕ ги прашуваат СДСМ и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и што е целта. Дали СДСМ и ДУИ заедно го спремаат планот за дестабилизација на државата од есен, порачуваат од владеачката партија.

Во владиниот партнер ВЛЕН засега се со воздржан коментар околу можната дестабилизација. Вчера пратеникот од нивните редови, Беким Сали вели дека информација за такво нешто и го упати премиерот да ги достави индициите до Обвинителството.

Во ДУИ пак преку соопштение рекоа дека повикуваат политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели.

Н.П.

Слични содржини