Семејство од Македонија е повредено во сообраќајна несреќа која рано утрово се случила на патот Евзони – Солун, на влезот во Грција, откако, од засега непознати причини, автомобилот излетал од патот, а според локалните медиуми, сите патници биле пренесени во болница, јави дописничката на МИА од Атина.
Автомобилот излетал од патот и се превртил, а во сообраќајката не учествувале други возила.
Како што пишуваат медиумите од северна Грција, несреќата се случила околу 8,15 часот утрово, а во возилото се превезувал брачен пар на возраст од 48 и 50 години и нивните две малолетни деца на 11 и 15 години.
Од противпожарната служба на Грција соопштија дека десет пожарникари со шест возила интервенирале за мажот да биде извлечен од превртеното возило, по што со возило на брза помош бил пренесен во болница.