Од СДСМ велат дека уште во 2019 година повикале на целосен и темелен ветинг во правосудството и како што објаснуваат, тоа го навеле како своја клучна програмска определба за изборите во 2020 година. Сепак, жалат што ниту од ДУИ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ таа идеја не добила поддршка.
-Нашата идеја беше спроведување на целосен и темелен ветинг по примерот на ветингот што ЕУ го спроведе во Албанија, каде што врз основа на имотна и професионална проверка на секој судија и секој обвинител беа прочистени редовите на правосудството од најкорумпираните структури.
Во однос на проверката на политичките функционери, СДСМ има воведено стандард како ниту една друга политичка партија во Македонија. Уште на почетокот на 2021 година усвоивме Етички кодекс на СДСМ согласно кој секој функционер за кој има истрага за основано сомнение за копрупција беше должен да ги замрзне своите партиски функции до целосно расчистување на случаите. Токму на таа основа и неколку функционери за кои имаше постапки дадоа оставка или ги замрзнаа своите партиски функции, порачаа од партијата на Венко Филипче.
Што се однесува до реформите во правосудството, од СДСМ велат дека ќе дадат поддршка за реформи во правосудството кои ќе бидат поддржани и мониторирани од меѓународната заедница и никако поинаку.
-Сите реформи во овој сектор мора да бидат направени со цел целосно исклучување на политички влијанија. ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет самостојно да спроведе такви реформи затоа што нивната цел никогаш не била независно судство, туку судство под нивна контрола, стои во партиското соопштение.