Денес започнува новата учебна година за 245 илјади ученици

од Nikola Popovski
15 прегледи

Учебната година стартува денес со книги по речиси сите предмети. Тие се веќе доставени во сите училишта. Ова веќе го обелодени министерката за образование, Весна Јаневска. Додаде дека минатата власт поради неспособност не го направиле она што е потребно според закон. Покажа и документи од печатницата дека ниту еден учебник за седмо одделение не бил даден да се печати, негирајќи ги тврдењата на нејзиниот претходник Јетон Шаќири. На стартот на учебната година, на листата проблеми со кои ќе се справуваат институциите, наставниците и родителите се двосменското работење, повисоките плати, подобрувањето на наставните програми.

Годинава основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен.

Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.

Министерката информира  дека  се ангажирани 815 образовни асистенти а обезбедиле средства и за дополнителни 200. Новата концепција за 7-мо и 8-мо и 9то одделенците е стопирана тие ќе учат по старата програма а во меѓувреме ќе се ревидираат наставните програми за  сите одделенија и ќе се изработат нови за гимназиско образование. Во однос на платите за наставниците Јаневска го повтори ставот на Владата дека покачувањето ќе се реализира следната година.

Во 140 училишта наставата ќе се одвива во една смена, а министерката вели дека се залагаат тоа да се воведе во сите училишта во државата.

Новата учебна година, како што рече Јаневска, ќе започне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што во последните седум години е намалена за 17 илјади, а за истиот период бројот на првачиња е намален за 3 500.

Слични содржини