За десет години бројот на ученици во Македонија намален за 27 илјади

од Nikola Popovski
40 прегледи

Новата учебна година почна. За првпат околу 18 илјади дечиња седнаа во училишните клупи. Едносменска настава се воведува во 140 училишта. Загрижуваат бројките дека и годинава бројот на првачиња е намален за 3.500. Меѓу главните фактори се иселувањето и намалениот наталитет.

Центарот за граѓански комуникации објави анализа со длабоко загрижувачки податоци за намалување на бројот на ученици во основното и во средното образование. За една декада, бројот на ученици е помал за 27.000, според податоците на анализата на невладината организација.

Намалувањето е особено изразено во средните училишта, каде по сè изгледа е преломот кога семејствата се иселуваат од Македонија. Намалувањето на средношколците е за 20 отсто. Намалувањето на основците е за 5 отсто.

Бројот на средношколци за една деценија се намалил во 73 од општините во земјава, вклучувајќи го и Град Скопје.

Процентуално, најголем губитник на средношколци е Пехчево, каде што во последните години нивниот број е намален за 83 отсто. Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови – Тетово, Струга и Кичево, Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.

Спротивно, зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот Регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од општините со зголемување се оние во коишто во последните десет години се отворило средно училиште, а претходно немало со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на ученици во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци.

Како и да е, во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот на ученици во останатите 73 општини“, стои во анализата.

Слични содржини